24фудбал

Хронологија на војната помеѓу Мурињо и Конте: Кој, што, како и кога го „пецна“ противникот

Викендов на програмата е дербито помеѓу Манчестер јунајтед и Челси кое во последниве две години се претвори во „војна“ помеѓу Жозе Мурињо и Антонио Конте

Англија

„Специјалниот“ е познат по тоа што сака да влезе во војна со противниците, а Антонио Конте е последното име на долгата листа на која се наоѓаат Арсен Венгер, Рафа Бентиез, Мануел Пелегрини и Пеп Гвардиола.

Во последно време ова е најголемото ривалство во Премиерлигата кое започна од 2016. Ова се дел од нападите кои си ги упатија еден на друг Мурињо и Конте.

Октомври 2016 - Мурињо го нападна Конте поради претераното славје

Мурињо имаше кошмарно враќање на Стемфорд Бриџ, Челси го збриша Манчестер јунајтед со 4-0. Жозе Мурињо уште пред последниот свиреж на судијата имаше што да му каже на Конте, а медиумите пренесоа дека Португалецот на Италијанецот му порачал дека го понижува противникот со претераното славје.

Ноември 2016 - Конте индиректно го „пецна“ Мурињо преку Виктор Мозес

Челси го купи Виктор Мозес во 2012 но фудбалерот никогаш не доби шанса од Жозе Мурињо и постојано беше испраќан на позајмица. Нигериецот беше незаменлива алка во тимот на Конте кој минатата сезона стигна до титулата во Премиерлигата. Па Италијанецот веднаш потенцираше колку добро Мозес играл под негово водство, а неговиот претходник погрешил во проценката.

„Веднаш го приметив неговиот потенцијал. Тој има одлични квалитети: техника, физичка сила и способност да покрие 70 метри од теренот. Не ми се верува како играч од калибарот на Мозес никогаш не доби шанса во Челси“.

Февруари 2017 - Мурињо го нарече Челси дефанзивен тим

„Специјалниот“ уште во февруари призна дека тешко некој ќе може да го симне Челси од врвот но во исто време го „пецна“ Конте. Мурињо ги опиша „Сините“ како дефанзивен тим.

„Челсе е многу добар дефанзиен тим. Се бранат навистина добро со многу играчи и мислам дека во ваква ситуација, дефанзивен тим ја освојува титулата преку голови од контри и прекини. Не очекувам да кикснат, но фудбалот е непредвидлив“.

Март 2017 - Конте одговори на поплаките на Мурињо за црвен картон

Двата клуба се сретнаа во ФА Купот, а натпреварот беше одбележан од контроверзна одлука на Мајкл Оливер да му покаже картон на Андер Ерера.

„Секој може да ја анализира ситуацијата од различна перспектива но сите го гледавме натпреварот до црвениот картон и натпреварот по црвениот картон. Па можеме да ги споредиме одлуките за двата жолти картони со други ситуации во кој не беше покажано ништо“ - порача Мурињо.

Кога Конте беше запрашан за коментарите на Мурињо, стратегот преферираше да се фокусира на тоа што Еден Азар постојано бил фаулиран: „Не можеше да игра фудбал. Секој можеше да го види ова и да суди за ситуацијата“.

Април 2017 - Конте критикуваше колку многу пари троши Манчестер јунајтед

Конте упати ситна провокација откако на двата клуба од Манчестер им порача дека парите не гарантираат успех. Мурињо потроши околу 150 милиони фунти на засилувања, но Конте рече: „Мислам дека оваа сезона најдобро покажува дека оној кој троши повеќе не секогаш победува“.

„Доколку беше така, шампионот немаше да се вика Челси или Тотенхем или Арсенал или Ливерпул. Ме разбирате?“

Јули 2017 - Конте потсети за неуспехот на Мурињо, а „Специјалниот“ возврати со провокација за пресадување на коса

Во јули, Конте ги предупреди своите играчи: „Пред две години Челси заврши како 10ти. Тоа не може да се случи повторно. Знаеме што не чека и сакаме да ја избегнеме сезоната што Мурињо ја имаше. Тренерите кои претходните две сезони беа шампиони останаа без работа“.

Како одговор на ова, Мурињо порача: „Можам да одговорам на многу различни начини, но немам намера да останам без коса зборувајќи за Антонио Конте“.

Октомври 2017 - Конте му порача на Мурињо да си ја гледа својата работа

По триумфот на Манчестер јунајтед над Бенфика во Лигата на шампионите, Мурињо реши да го обнови ривалството со Конте и рече: „Никогаш не зборувам за повреди. Другите менаџери плачат, плачат и само плачат кога некој ќе се повреди“.

„Јас не плачам. И јас можам да се жалам и да плачам како другите, можам да плачам во следните пет минути но нема да го сторам тоа“.

Како одговор на ова, Конте порача: „ Мурињо треба да си го гледа својот тим и својата работа а не другите. Ми се чини дека Мурињо многу е загрижен што се случува во Челси. Нема потреба да мисли на нас, нека се грижи за сопствениот тим“.

Јануари 2018 - Мурињо го нарече Конте кловн

На почетокот од годината се случи можеби најголемата војна помеѓу Мурињо и Конте. „Специјалниот“ иако не кажа конкретно име, го нарече менаџерот на Челси кловн.

„Поради тоа што не се однесувам како кловн покрај аут-линијата не значи дека сум ја изгубил пасијата. Преферирам да се однесувам како што се однесувам а не како лудак да трчам и скокам покрај аут-линијата“ - рече Мурињо.

Кога Конте беше запрашан за овие коментари, Италијанецот порача дека Португалецот или е сенилен или пак има деменција. Портпаролот на Челси подоцна појасни дека Конте мислел на амнезија.

„Мислам дека Мурињо треба да погледне некое видео од минатото... можеби збореше за самиот себе. Или пак можеби заборавил што правел. Не знам како е точниот израз можеби е сенилен или има деменција... кога заборавате што сте правеле“

Јануари 2018 - Мурињо го потсети Конте за суспензијата поради наместени натпревари

Мурињо ја продолжи преписката и по победата над Дерби истакна: „Едно е сигурно, никогаш не ми се случили ниту пак ќе ми се случи да ме суспендираат за наместен натпервар“.

Португалецот мислеше на суспензијата од 10 месеци ја доби Антонио Конте поради инволвираност во наместени натпревари во времето кога беше тренер на Сиена.

Јануари 2018 - Конте го опиша Мурињо како ситна душа

Ден подоцна Конте испрати одговор за коментарите на Жозе Мурињо: „Кога има вакви коментари, кога се обидувате да навредите некого без да ја знаете целата вистина, тогаш сте ситна душа“.

„Тој бил ситна душа и во минатото, сега е ситна душа а ќе биде ситна душа и во иднина“.

Конте не застана тука и го нарече Мурињо „фејкер“ и додаде: „Кога ќе играме против Манчестер јунајтед, може да се сретнам со Мурињо во соба да се обидеме да ги расчистиме сите овие коментари. Не знам дали тој ќе се сака да се сретне на само со мене“.