24фудбал

Сити го доби дербито со Тотенхем и ја прекина серијата порази (ВИДЕО)

Манчестер Сити со 3-1 победи на гостувањето кај Тотенхем прекинувајќи ја серијата од три порази по ред, тимот на Гвардиола веќе во следното коло може да ја слави шампионската титула.

Англија

Манчестер Сити стави крај на црната серија и тоа на гостински терен кај Тотенхем.

Натпреварот почна одлично за Сити, уште во 22. минута со гол на Габриел Жесус поведоа со 1-0. 

Три минути подоцна беше досуден пенал за Манчестер Сити иако фаулот од Лорис беше направен надвор од шеснаесетникот. На Гундоган не му пречеше тоа за да ја реализира најстрогата казна и да го зголеми водството на 2-0.

Пред крајот на првото полувреме Ериксен намали на 2-1 и го врати Тотенхем во игра.

Домаќините во вториот дел тргнаа поодлучно кон голот на Манчестер Сити, но не успеваа посериозно да го загрозат Едерсон, а гостите беа опасни од контри. По неколку промашувања конечно Стерлинг погоди во 72. минута за конечни 3-1.

Во следното коло Манчестер Сити на домашен терен го пречекува Свонси и доколку победи на тој меч ќе стане нов шампион на Англија.