24фудбал

Манолас: Го сопревме Меси, ќе го сопреме и Салах

Дефанзивецот на Рома, Костас Манолас кој беше еден од главните во историската победа над Барселона, вели дека имаат решение и за Мохамед Салах.

Лига на Шампиони

Рома го реши предизвикот кој изгледаше како невозможна мисија, ја победи Барселона дома со 3-0 и се пласираше во полуфиналето од Лигата на шампионите, а таму за противник го има Ливерпул.

Оваа сезона кога ќе се спомне Ливерпул веднаш се помислува и на Мохамед Салах, убедливо најдобриот поединец на Црвените кој синоќа беше прогласен за играч на сезоната во Премиерлигата, а многу веројатно е дека ќе биде и најдобар стрелец во Англија.

Салах кој во Ливерпул дојде токму од Рома, ќе биде најголемата опасност за Волчицата, но Манолас смета дека имаат решение за ѕвездата на Египет.

„Нема да имаме посебен човек задолжен за Салах, бидејќи Барселона и Лео Меси ги сопревме со тимска работа, па можеме да го сопреме Салах на истиот начин. Се разбира дека нема да биде лесно, но ние сме подготвени“, вели Манолас.

„Нашата самодоверба оваа сезона дојде од фудбалската филозофија која ни ја даде тренерот. Рома не смее да го промени начинот на размислување без разлика на противникот“.

„Ди Франческо е модерен европски тренер, тој секогаш бара однас да доминираме на теренот со пресинг и интензитет. Исто така вистина е дека можеби требаше да имаме уште шест-седум поени плус во Серија А, но кога играме во Лигата на шампионите тоа вади нешто повеќе од нас“.