24фудбал

Две неверојатни грешки на Кариус и ножички на Бејл за кои долго ќе се раскажува, Реал ја одбрани титулата во ЛШ (ВИДЕО)

„Кралевите“ продолжуваат да испишуваат историја и трета година по ред се радуваат на трофејот од Лигата на шампионите откако во финалето во Киев триумфираа над Ливерпул со 3-1

Лига на Шампиони

Реал Мадрид е старо нов шампион на Европа. Избраниците на Зидан триумфираа над Ливерпул со 3-1. Мечот во Киев ќе биде запаметен по две неверојатни грешки на голманот Лорис Кариус и мајсорскиот гол на Герет Бејл со ножички.

Натпреварот почна мирно, без многу шанси. Првата драма се случи по половина час и тоа откако Салах лошо падна по еден дуел со Рамос и со солзи во очите го напушти теренот. Потоа следуваше пех и за Реал, Карвахал се повреди па и тој со солзи замина во соблекувална. Овие два настани како да ги размрдаа работите на теренот, па љубителите на фудбалот видоа гол пред финишот на првото полувреме. Карим Бензема ја затресе мрежата но славјето беше прекинато поради офсајд ситуација.

Вторите 45 минути беа далеку повозбудливи и започнаа со пречка на Иско. Натпреварот се отвори во 51. минута кога Кариус имаше неверојатна грешка. Голманот на Ливерпул собра една долга топка, сакаше веднаш да започне акција, но лошо ја процени ситуацијата па додавањето кое требаше да биде наменето за Ловрен беше пресретнато од Карим Бензема, кој пушти нога и ја затресе мрежата на „Црвените“.

Ливерпул се врати брзо, по еден корнер Ловрен спушти топка во петерецот а Мане изедначи на 1-1 во 55. минута.

Потоа на сцена стапи нововлезениот Герет Бејл, Велшанецот реагираше мајсторски и со ножички постигна гол за кој долго време ќе се раскажува. Мане имаше шанса да донесе ново изедначување но неговиот удар заврши во стативата. 

И наместо да следи неизвесна завршница, Кариус со нова неверојатна грешка предвреме ги реши сите дилеми. Бејл шутираше од далеку, голманот на Ливерпул ја имаше топката но реагираше неспретно и таа заврши зад неговиот грб.