24фудбал

Фан vs фан: Реал Мадрид - Манчестер Јунајтед

Фанот на Реал Мадрид, Гоце Тодески против фанот на Манчестер Јунајтед, Фросина Дишлијовска како загревање за мега 1/8 финалниот дуел од Лигата на Шампионите.

Фан vs фан

Започнува елиминационата фаза од Лигата на Шампионите, а уште во 1/8 финалето спектакл, Реал Мадрид против Манчестер Јунајтед, дуел на титаните на европскиот фудбал.

Реал Мадрид игра очајна сезона во Примера, тимот на Жозе Мурињо одамна се збогува со одбрана на титулата, па сите погледи на Португалецот се насочени кон трофејот со „големи уши\", само тој успех може да ја спаси сезоната, успех кој ќе го направи првиот тренер кој ја освоил Лигата на Шампионите со три различни клуба.

По разочарувањето кое им го приреди на своите навивачи со елиминацијата уште во групната фаза од Лигата на Шампионите минатата сезона, Манчестер Јунајтед овој пат лесно и уверливо стигна до 1/8 финалето, таму за противник го доби најнепосакуваниот од второпласираните, Реал Мадрид, но тимот на големиот Ферги без страв ќе влезе во битката против Кралот и со сите сили ќе се обиде да ја помине тешката пречка.

Камерите ќе бидат вперени кон Кристијано Роналдо, Португалецот за прв пат ќе игра против „својот“ Манчестер Јунајтед, од другата страна Робин ван Перси ќе го има своето деби на Сантијаго Бернабеу, Холанѓанецот напомена дека настапот на фудбалскиот храм во Мадрид ќе биде дополнителна мотивација за него.

Старите пријатели повторно ги вкрстуваат копјата, Жозе Мурињо против Сер Алекс Фергусон, двајцата со голема меѓусебна почит, но и уште посилна желба за победа.

На Сантијаго Бернабеу и Олд Трафорд ќе бидат вперени сите очи на фудбалската јавност, не\' очекува голема фудбалска претстава, мега дуел помеѓу најголемите, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Како сте задоволни од досегашниот тек на сезоната?

Гоце: Мислам дека не постои фан на Реал Мадрид кој е задоволен од тековнава сезона. Целосен контраст на минатата. Ако лани тимот газеше се пред себе и го играше можеби најдобриот фудбал во светот, сезонава гледаме еден блед и немоќен Реал Мадрид особено во Шпанија, Реал Мадрид кој им „донираше“ многу бодови на екипите кои се борат за опстанок во Примера. Перформансите во ЛШ се подобри, тимот успеа да се пласира во нокаут-фазата минувајќи ја групата на смртта, но и тоа не е максимумот на овој Мадрид, оној кој го покажуваше минатата сезона.

Фросина: По стартот на сезоната во која прикажувавме многу неконстантна игра и дисбаланс во тимот, можам да кажам дека сега за сега сезоната се одвива по посакуваниот терк. На почетокот од сезоната одбраната не беше целосно комплетирана па мораше Мајкл Керик да биде преместен на стоперската позиција. Фердинанд и Смолинг беа повредени, Еванс имаше операција на зглобот а Видиќ се опоравуваше од операцијата на лигаментите извршена минатиот декември. Сето тоа резултираше со примање гол на скоро секој натпревар и потоа нападот да мора да го добива натпреварот. По враќањето Видиќ повторно доживеа повреда и операција но и овојпат успешно се рехабилитираше по повредата, се врати во првиот состав и почна повторно да го прикажува своето лидерство во одбраната. Откако се комплетираше одбраната, тимот почна да прикажува многу постабилни игри и да сврзе одлична серија од натпревари без пораз која се протега од 17ти ноември.

Ждрепката за 1/8 финалето од Лигата на Шампионите ги спои Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, два гиганти на европскиот фудбал предводени од двајца големи тренери. Што очекувате од овој двобој?

Гоце: Пред се празник на фудбалот. Се судираат можеби најголемите фудбалски екипи, кои со сета своја историја, резултати и атрактивност го прават овој дуел „финале пред финалето“. Можеби и нема да  гледаме натпревар со многу голови иако тоа ми е желбата, но сигурно ќе гледаме врвно тактичко надмудрување меѓу двајца генијалци како Фергусон и Мурињо.

Фросина: Вистинска фудбалска битка. Како што велат огромен број на новинари, ова е можеби финале пред финалето и штета што два тима од ваков калибар се среќаваат уште во февруари. Без сомневање овој натпревар ќе биде уживање за сите фудбалски фанови, како за навивачите на двата тима така и за неутралните. Како и секој фан на мојот клуб, нормално, очекувам победа, но знам дека ќе биде тешко да се извојува истата.

Кои се силните, а кои слабите страни на вашиот тим?

Гоце: Уф, сезонава искрено Реал Мадрид и нема некоја страна која е константно добра низ целата сезона. Лани тоа беше напaдот кој рушеше рекорди, но сезонава имаме само бледа сенка на тоа. Но ако веќе мора да издвојувам, ќе речам дека најсилна страна е Кристијано Роналдо. Тој е „спасител“ на екипата како никогаш досега и тој многупати сезонава не вадеше од калта.

Така за дефинитивно најслаба страна ја издвојувам напаѓачката двојка (Игуаин/Бензема). Заедно со нив може да се спомене и одбраната која веќе долго време е слабост на клубот, а и втора година по ред прима многу голови.

Фросина: Моментално, крилните позиции се најслабата страна од тимот, што е дури незамисливо за Манчестер Јунајтед, клуб кој до ден денес ја негува сега веќе застарената 4-4-2. Антонио Валенсија еден период играше со повреда на колкот и по закрепнувањето од повредата, останува сенка на Антонио Валенсија од вториот дел од минатогодишната сезона кога беше најдоброто крило во лигата. Луис Нани беше долго повреден, Ешли Јанг само што ја поврати формата повторно се повреди и прашање е дали ќе стартува во Мадрид, при што остануваме само со Рајан Гигс како единствено крило што е во форма. Поради овие проблеми Дени Велбек мораше да биде префрлен од нападот на крилните позиции. Ако се знае дека играта на Манчестер Јунајтед се базира по крилата, ова е еден од посериозните проблеми на тимот, поради што Сер Алекс Фергусон почна да го подготвува тимот со резервна 4-2-3-1 тактика со Робин ван Перси како најистурен напаѓач а Вејн Руни главен креатор на играта.

Најсилната страна е секако нападот, за кој говорат и бројките. Имаме 60 постигнати погодоци во лигата од кои 18 се на најновото засилување, Робин ван Перси. Тука се и Вејн Руни кој иако игра поповлечено во неговата нова улога во тимот, не изостанува со неговите голови, како и Хавиер Ернандез кој со неговите голови најчесто во последните минути од натпреварите ни донесе значајни победи. Заедно со овие играчи, тимот оваа сезона има вкупно 17-18 играчи кои постигнале гол што само потврдува дека офанзивата секогаш била најсилниот дел од Манчестер Јунајтед.

Кои се слабите страни на противникот кои вашиот тим треба да ги искористи?

Гоце: Сезонава Фергусон имаше проблеми со одбраната. Чести повреди, неконстантна четворка и Јунајтед сезонава многу често прима лесни голови. Но со враќањето на Видиќ, и солидните Евра и Еванс, одбраната на Јунајтед може да биде многу цврста. Не толку одамна, главен проблем на Фергусон во дуелтите со „големите“ екипи беше и централниот дел на теренот. Оваа сезона Керик игра како препороден, а во Клеверли има одличен млад плејмејкер. Мислам дека тие двајца сочинуваат еден одличен тандем од срцето на теренот. Но како и да гледаме, сепак овие два сегменти (одбраната и централниот дел од средниот ред) се главните точки каде што Реал Мадрид може да надвладее.

Фросина: Од она што го прикажува Реал Мадрид во лигата, одбраната не е на нејзиното ниво, делува збунето и невоиграно на моменти и како капак на се стигна повредата на Касиљас. Втор проблем се напаѓачите Бензема и Игуаин кои не прикажуваат сјајни игри. Но, за да поминете понатаму ви требаат голови и секако дека Сер Алекс повеќе би го интересирале проблемите со одбраната на Реал Мадрид и како да се стигне до голот на Лопез. Очекувам Пепе и Рамос (ако тие се изборот на Мурињо за стоперските позиции) да имаат тешки моменти со офанзивниот дел од единаесеторката на Манчестер Јунајтед.

Многу честа е дебатата за тоа која лига е подобра, Премиер лигата или Ла Лига. Кое е вашето мислење?

Гоце: Според  мене моментално Ла Лига е онаа која е поквалитетна. Она што и фали на лигата е медиумска покриеност и пропаганда каква што има Премиер. Несомнено, англиската лига е ниво погоре од сите останати лиги во поглед на популарност, но е со доста опаднат квалитет. Сосема спротивно, шпанската лига и шпанскиот фудбал се во подем, за што говорат и резултатите од евро-куповите.

Фросина: Вечната дилема. Премиер Лигата моментално е во благ резултатски пад во Европа, што резултира со отпаѓањето на некои од екипите уште по групната фаза, лани и годинава, нормално, ако знаеме дека стана стандард сите четири англиски екипи во изминатите неколку години со исклучоци да се пласираат понатака. Манчестер Јунајтед лани отпадна од несериозно сфаќање на противниците, Манчестер Сити се „нова“ екипа во таканаречената голема четворка и поголемиот дел од играчите немаат големо искуство во Лигата на Шампионите. Челзи има промена на генерации, по шампионската сезона, сега гради нов тим и ете ги причините за слабото издание на премиерлигашите. Но, се намали разликата во квалитет помеѓу екипите од 5-10 позиција на табелата и затоа Премиер Лигата многумина ја сметаат за најкомпетитивна. Од друга страна пак, најновиот претставник на Ла Лига во ЛШ годинава, Малага стана една од екипите кои најрано го осигураа пласманот во нокаут фазата. Мислам дека овој дуел ќе биде еден од покажувачите кои треба да ни појаснат која лига моментално го има приматот подобра, иако за мене во поглед на организираност и инфраструктура, Премиер Лигата останува најдобра.

Кој фудбалер од противничкиот тим би сакале да игра во вашиот?

Гоце: Без двоумење, Робин Ван Перси, моментално најдобриот напаѓач во светот.

Фросина: Кристијано Роналдо :D Се шегувам, иако Роналдо засекогаш ќе биде слаба точка на навивачите на Манчестер Јунајтед, во овој состав од тој на Реал Мадрид без размислување би го додала Сами Кедира. Извонреден фудбалер кој според мене ја држи средината на овој клуб, не застанува 90 минути, покрива голем дел од теренот и мислам дека прилично е потценет од страна на јавноста, еден вид на „неопеан херој“, термин кој што го користат англиските фанови. Еден од моите омилени фудбалери воопшто во моментов, не само во Реал Мадрид.

Минатата сезона Жозе Мурињо му ја донесе 32. титула на Реал Мадрид, но во тековната кампања Кралевите имаат очајни резултати во Примера, притисокот од фановите е голем, многу од нив сметаат дека Португалецот треба да замине. Каков е твојот став? (само за фанот на Реал Мадрид)

Гоце: Притисокот кој го имаат играчите и тренерите на Реал Мадрид е најголемиот од сите клубови во светот. Тој во многу случаи досега се покажал како клучен за успхехот, односно неуспехот на одреден поединец во Мадрид. Но Жозе Мурињо е посебен тренер. Успеа одлично да се држи со тој притисок две сезони, за сега наеднаш, по неколку киксови сите да се свртат кон него заборавајќи што се направи минатите две години.

Но слабата игра на тимот не е само по негова вина. Околу Реал Мадрид има и многу фактори кои на прв поглед не ги гледаме, но кои од сенка знаат да ги водат работите во клубот. Мурињо се реши да оди против нив лани и годинава тие му го возвраќаат ударот, и тоа успешно. Позицијата на „Специјалниот“ е дефинитивно разнишана, и по се изглед на крајот на сезоната ќе го напушти Мадрид без разлика на (не)успехот во ЛШ, иако моја лична желба е тој и понатаму да остане на клупата на Сантијаго Бернабе. Ако тој ја изгуби контролата врз тимот, тој е и човекот кој најдобро знае да ја поврати.

Во летниот преоден рок Робин ван Перси од Арсенал се пресели во Манчестер Јунајтед и стана клучна алка во тимот на Ферги. Дали сметаш дека доаѓањето на РВП го крена нивото на игра на Јунајтед во однос на минатата сезона и може ли твојот тим до трофејот од Лигата на Шампионите оваа година? (само за фанот на Манчестер Јунајтед)

Фросина: Секако дека доаѓањето на Робин ван Перси го крена перформансот на целата екипа. Како што може да се заклучи од изјавите на играчите а и од тренерскиот кадар на клубот, дури и на тренингот се забележуваат подобрувања кај играчите, се јавува компетитивност за местата во првиот тим и мора сите играчи да се докажат дека се доволно добри за да бидат во плановите на Сер Алекс. Головите кои ги постигнува Робин најпрво кај останатите напаѓачи од тимот поттикнуваат искра за да постигнат што повеќе голови, иако сите напоменуваат дека поединечните бројки на погодоци не се најважни, најважно е тимот да победува, со што се согласувам во целост. Но, пресудно е и искуството што го има Робин во настапувањето во Премиер Лигата и веднаш по трансферот се вброи помеѓу искусните играчи на клубот како Гигс, Сколс, Фердинанд, Керик, Видиќ, Евра кои се тука да го пренесат тоа на помладите играчи.
Еден натпревар по еден. Не треба уште од сега да се залетува по главното нешто, поготово кога за противник го имате Реал Мадрид уште во 1/8 финалето. Манчестер Јунајтед го има квалитетот и решителноста на играчите да стигне до трофејот, но мора да се обрне внимание и на другите екипи бидејќи дури и на хартија најслабата екипа во нокаут фазата не е стигната до тука по некоја случајност. Офанзивата на екипата е одлична, уште ако успее да се брани успешно како колектив низ овој меч па и ако помине натаму во 1/4 финалето, мислам дека трофејот од ЛШ нема да биде нешто недостижно.

Ваша прогноза, како ќе заврши натпреварот на Сантијаго Бернабеу и кој ќе биде вкупниот победник?

Гоце: Секако, навивачки типувам на победа на Реал на Бернабеу и одбрана на тој резултат на Олд Трафорд, што ќе овозможи пласман во наредната рунда.

Фросина: Познавајќи го Фергусон мислам дека ќе се оди на минимум постигнување еден гол во гости, што би било одлично со оглед дека реваншот е на Олд Трафорд. Би се задоволила со 1-1, дури и со пораз од 2-1. Но, мислам дека ќе заврши натпреварот 2-1 во полза на Реал Мадрид. Севкупниот победник, навивачки, ќе кажам Манчестер Јунајтед.

Подготви: Ристе Ѓорѓиевски