24фудбал

Фан vs фан: Арсенал - Баерн Минхен

Фанот на Арсенал, Марко Стојановиќ против фанот на Баерн Минхен, Александар Киселинов како загревање за 1/8 финалниот дуел од Лигата на Шампионите.

Фан vs фан

Арсенал - Баерн Минхен е една од најинтересните 1/8 финални пресметки во Лигата на Шампионите оваа сезона, Топџиите се домаќини на првиот натпревар.

Тече осмата сезона откако Арсенал за последен пат крена трофеј, постот на Венгер е долг, витрината на Емирати празна, се чини дека таква ќе остане и по оваа кампања.

Дуелот со Баерн Минхен доаѓа во непријатен момент, веднаш по елиминацијата од ФА Купот. Поразот од Блекбурн на Емирати е сериозен удар за Арсенал, играчите немаат многу време за рехабилитација, следува 1/8 финале во Лигата на Шампионите.

Покрај задачата психолошки да го крене тимот, Венгер има проблеми со дефанзивата, Гибс е повреден, Начо Монреал нема право на настап во ЛШ, па на левата бековска позиција се очекува да настапи Томас Вермален, а како централни дефанзивци да истрчаат Кошчиелни и Мертесакер.

За разлика од Арсенал, Баерн Минхен игра импресивна сезона во домашното првенство, а заврши и како прв во групната фаза од Лигата на Шампионите.

Јуп Хејнкес последна сезона го води Баерн Минхен, мотивите на искусниот стратег да остави силен печат на збогувањето со Баварците се големи.

Хави Мартинез поради ситна повреда го пропушти последниот натпревар на Баерн, но се очекува да биде подготвен за дуелот на Емирати, Пизаро и Бадштубер нема да настапат поради повреди, Боатенг е суспендиран.

Како сте задоволни од досегашниот дел на сезоната?

Марко: Може за ова прашање да се сменам со навивачот на Баерн? :) Бидејќи искрено, баш нешто и не зрачам со ентузијазам после поразот од Блекбурн викендов на домашен терен. Да продадеш еден од топ петте напаѓачи во светот во пакет со сите тие get out of jail голови кои ги носел е исто како пред трка на 400 метри да ги соблечеш патиките и решиш да трчаш по апостолки. Апостолките се Шамак, се разбира. Е сега, дојдоа засилувања како Подолски, Жиру и Казорла, и искрено станува збор за квалитетени играчи, меѓутоа дефинитивно не се на ниво на Оној чие име нема да го споменеме во овој разговор. А ако се додаде и Вилшер во комбинација, тоа значи дека речиси половина од првиот тим е комплетно различен од оној од лани. На хартија, станува збор за солиден состав, најверојатно им треба уште малку време да се разиграат, догодина ќе биде подобро, и сите останати лаги кои си ги кажуваме за да ни биде полесно. Вкупно гледано, Арсенал страда од некаков Џекил и Хајд комплекс, дава по 7 гола на натпревар, за наредниот да загуби од комплетен аутсајдер. Јануари беше добра прилика да се зацврстат одредени места, но очигледно најцврстиот дел останува катанецот на сефот со клупските пари. Да резимираме, не сум премногу задоволен, меѓутоа тоа е тоа. Одиме понатаму.

Александар: Баерн Минхен има предност од 15 бода над второпласираната Борусија Дортмунд, тоа е најголемиот индикатор во каква форма се наоѓа тимот. Во ЛШ Баерн не ја покажа истата доминација како во домашното првенство иако завршивме први во групата. Но, по кратката зимска пауза во Германија имаме 5 победи, 13 постигнати гола и ниту еден примен. Многу сум задоволен како се одвиваат работите и се надевам дека ќе ја оправдаме улогата на фаворити во двобојот со Арсенал.

Арсенал - Баерн Минхен е еден од најинтересните 1/8 финални дуели во Лигата на Шампионите, што очекувате од овој двобој?

Марко: Иронично, најопасни противници на Арсенал се слабите тимови. Причината е едноставна: Арсенал игра напаѓачки фудбал со многу додавања во противничката половина, и против тимови кои поставуваат по два реда одбрана, таа стратегија вродува плод колку и отклучување на врата со банана. Доколку Баерн дојде да напаѓа, а со оглед на играчите што ги има на располагање, тоа е прилично сигурно, може да гледаме супер натпревар во кој искрено немам претстава што би можел да очекувам, токму поради тој истиот Џекил и Хајд комплекс од погоре.

Александар: Очекувам отворен фудбал со повеќе голови. Арсенал се екипа која игра убав напаѓачки фудбал и нивната игра се базира на посед на топката но исто така се добри и преку контри. Поседуваат огромен талент и врвни играчи како Волкот, Казорла, Жиру, Подолски, Артета или Вилшер. Но, Арсенал во ЛШ се во многу лоша форма. Групата ја поминаа како второ пласирани со бод повеќе од третите Олимпијакос. Исто така се втори во табелата на најмалку шутови кон противничкиот гол во групната фаза. Во стилот на игра Баерн не се разликува многу од Арсенал па затоа овој натпревар е дефинитивно дуел кој со огромно задоволство ќе го гледам.

Кои се силните а кои слабите страни на вашиот тим?

Марко: Оваа сезона е малку потешко да се издвои конкретна предност. Минатата сезона тоа беше Холандскиот Квинслинг кој на грб го изнесе тимот на сличен начин на кој сега го носи Јунајтед. Годинава тие голови се распределија на повеќе играчи, што значи дека закани доаѓаат од неколку места, што најверојатно на некој начин го прави и Арсенал понепредвидлив. Освен тоа, Вилшер е играч кој за неколку години ќе биде меѓу најдобрите во светот, и е дефинитивно некој кој може да направи разлика со еден потег.

Од друга страна, слабите страни некако полесно ми паѓаат на памет. Почетнички дефанзивни грешки, падови во концентрација, отсуство на природен лев бек поради повредата на Гибс, недостаток на втор напаѓач од клупата. Но Арсенал секогаш играл најдобро кога бил притиснат со грбот кон ѕид, па можеби баш ова ќе претставува и некаков катализатор за тимот. Како и да е, тоа ќе го дознаеме многу наскоро.

Александар:  Баерн се соочуваат со два проблеми во дуелите со Арсенал. Првиот е дека Бадштубер е повреден а Боатенг суспендиран за двата натпревари па ќе мора Даниел ван Бајтен да му биде партнер на Данте. Вториот проблем е Данте, Мартинез и Швајнштајгер со 1 жолт нема да смеат да играат на следниот натпревар. Овие 2 проблеми се слабата страна на Баерн.

Силна страна е нападот и како сите играчи се во одлина форма. Очекувам во нападот да стартуваат Манџукич кој има 18 голови на 26 натпревари сезонава, Милер кој има 15 голови и 12 асистенции на 29 натпревари, Крос 8 гола и 7 асистенции на 31 натпревар и Рибери кој има 5 гола и 13 асистенции.

Кои се слабите страни на противникот кои вашиот тим треба да ги искористи?

Марко: Уф…..Тренерот им е многу стар? Не знам искрено, навистина станува збор за опасен тим. Ако не се лажам, во Бундеслигата имаат примено само 7 гола или некоја слична блесава бројка, и во моментов играат како Барселона на стероиди. Не сум баш запознаен дали имаат повреди кај некој од дефанзивците, ама доколку случајно некој од стартерите ќе мора да го пропушти натпреваров, ќе ја заокружам таа опција како слаба страна бидејќи немам баш некој избор реално.

Александар: Слаба страна на Арсенал во пресрет на првиот дуел мислам дека е нивната одбрана. Гибс е повреден а Монреал не смее да игра па би требало Вермален да биде лев бек додека Кошчиелни ќе му биде партнер на Мертезакер. Исто сметам дека и Сања е до некаде проблем кој треба да се искористи. Често кога сум ги гледал Арсенал тој е фатен надвор од својата позиција при напад на противникот. На таа страна игра Рибери па очекувам да му зададе доста проблеми.

Кој е натпреварот на вашиот тим кој никогаш нема да го заборавите?

Марко: Има неколку. Финалето во ЛШ, каде 17 минути ги делеа играчите на Арсенал од победа, иако играа цел натпревар со 10 играчи затоа што Леман е менталист. Штета. Натпреварот против Бирмингам на крајот од фебруари 2009 на кој Едуардо \"си ја скрши ногата\" според англиските медиуми, а не на кој Мартин Тејлор \"му ја скрши ногата на 4 места и замалку ќе му ја ампутираа\". До тој натпревар, Арсенал беа 5 бода пред Јунајтед и со 8 бода предност најверојатно ќе ја освоеја и титулата. Беше 2:1 до 90та, пенал за 2:2. Млад тим, имплодираше после тој инцидент, наредните 5 натпревари не можеа гол да дадат од шок. Ја изгубија самодовербата, ја изгубија и титулата. И последниот двомеч против Барселона во ЛШ, можеби единствениот натпревар кој Барселона коректно го изгубила во отворен дуел на Емиратите. Лепота.

Александар: Иако има доста натпревари кои ми оставиле огромен впечаток и нема никогаш да ги заборавам, ќе издвојам само две и тоа и двете против Манчестер Јунајтед: во негативна смисла незаборавен ми е дуелот од финалето на ЛШ во 1999 а во позитивна смисла вториот натпревар од четврт финалето во ЛШ во 2010 год.

Зошто баш Арсенал односно Баерн Минхен, како станавте фан на вашиот тим?

Марко: Ми се допаѓа филозофијата на играта, ми се допаѓа фактот дека клубот е поставен на некои вредности кои не постојат во останатите тимови. Профилот на играчи е секогаш сличен, пристојни дечки, тешко дека ќе најдете некој обвинет за расизам, некој кој брка жени на соиграчи и слично. Единствен тим е во Англија кој успеал цела сезона да ја помине без ниту еден пораз, тим кој во последните 10тина години, се\' до доаѓањето на Абрамович и Шеикот со своите Монопол пари се носеше рамо до рамо со Јунајтед. И можеби пресудниот момент комплетно да се приврзам за Арсенал е Карлинг Купот од 2007 година, во кој Арсенал до финалето стигна со тогашните деца Волкот, Фабрегас, Адебајор и останатите од подмладокот. Венгер можеше да одбере во финалето против Челзи да ги стави Анри и компанија, меѓутоа изјави дека тоа финале им припаѓа на децата кои стигнаа до него и им дозволи да го одиграат, додека сениорите на Арсенал го следеа од трибините.


Александар: Од кога знам за фудбал навивам за Баерн Минхен. Бев многу мал па незнам точно како ги засакав баш нив. Еден од првите натпревари што ги паметам дека сум ги гледал е баш горе споменатиот дуел против Манчестер во 1999.

Речиси по секоја сезона од Арсенал заминуваат дел од клучните играчи, тимот секоја сезона настапува во Лигата на Шампионите, но последниот трофеј е освоен во 2005 година. Фановите сакаат повеќе, сакаат поконкурентен Арсенал, тим кој до самиот крај да се бори за трофеите во Премиерлигата и Лигата на Шампионите. Какво е твоето мислење за актуелната политика на клубот? Дали се потребни промени во Арсенал и какви? (само за фанот на Арсенал)

Марко: Гледано математички, според сумата која клубот ја потрошил на играчи и плати во последните 6-7 сезони, Арсенал би требало во просек да завршува на седмото место во Премиер Лигата, а можеби и подолу. Тимови како Сандерленд имаат потрошено повеќе на трансфери, што значи дека Арсен Венгер извлекува многу повеќе од тимот што го има на располагање, што е доказ дека е квалитетен тренер. Oткако е дојден сопственикот на Сити, во клубот имаат потрошено околу милијарда во трансфери и плати, и успеаја да ја освојат лигата едвај во последната минута, а не е и дека се изнаиграа во ЛШ. Ливерпул потроши 10 пати повеќе од Арсенал во последниве две-три сезони, па еве ги уште се мачат да мрднат од 10тото место. Што значи дека парите не гарантираат успех.

А кога сме кај трофеите, прашајте некој навивач на Ливерпул дали повеќе би сакал да има Карлинг Куп трофеј и да го гледа својот тим како игра против некој тим од Грузија во Лига Европа чие име не може да го изговори, или да го нема тој трофеј, ама да гледа меч против Баерн Минхен? Јас знам што би сакал. Далеку од тоа дека би се бунел доколку Арсенал освои нешто, меѓутоа тука се слагам со Арсен Венгер дека единствени два трофеја кои вредат се оној од Англиската лига и Лигата на шампионите. А тие не се освојуваат толку лесно.

Актуелната политика во клубот е прилично нејасна во последно време, тука можам само да шпекулирам, меѓутоа фактот дека клубот веќе прави сериозен профит секоја сезона, а ниту дел од тие средства не одат кон купување на играчи кои се подобри од Жервињо на пример (а тука влегуваме и јас и ти, најверојатно) е нешто што прилично ме збунува. Меѓутоа, како што кажав, со оглед на тоа дека не знам што се случува во канцелариите на клубот, не би знаел ни што треба да се промени.

Пеп Гвардиола ќе биде новиот тренер на Баерн Минхен, што очекуваш да се промени со неговото доаѓање? (само за фанот на Баерн Минхен)

Александар: Пеп е страшно добар тренер. Не е фер спрема него кога ги слушаме изјавите дека Баерн не е Барса и дека ќе му биде тешко. Мора да се потсетиме дека Барса пред него не беа тие што се денес. Тој го усоврши стилот и ја направи онаа Барселона која ја знаеме денес. Тој е роден победник па очекувам и со Баерн да има успех.

Бундеслигата не е тешка лига за Баерн да ја освои па затоа Пеп ќе има многу време да ги внесе своите идеи во играта. Со ова не сакам да кажам дека Баерн ќе играат како Барса туку дека тој мора да има некои свои идеи како ќе играат Баерн под негово водство, сигурно ќе биде слична играта но нема да биде иста. Мое очекување е дека ќе имаме големи успеси под негово водство.

Ваша прогноза како ќе заврши натпреварот на Емирати и кој ќе биде вкупниот победник?

Марко:  Би бил презадоволен со 2:1 за Арсенал. Но поверојатно ми изгледа дека ќе биде нерешено, со победа на Баерн во вториот меч.

Александар: Мојата прогноза за првиот дуел на Емирати е победа на Баерн од 2-1. Очекувам Баерн да биде вкупниот победник.

Подготви: Ристе Ѓорѓиевски