24фудбал

Фан vs фан: Милан - Барселона

Фанот на Милан, Андреј Ранковски против фанот на Барселона, Димитар Николовски како загревање за големиот дуел од 1/8 финалето во Лигата на Шампионите.

Фан vs фан

Нова мега пресметка во 1/8 финалето од Лигата на Шампионите, нов дуел помеѓу гигантите на европскиот фудбал, Милан и Барселона.

По лошиот старт на сезоната Милан се стабилизираше, влезе во посакуваната форма и се искачи на третата позиција во Серија А.

Росоњерите имаат серија од седум натпревари без пораз и победи на последните шест дуели на Сан Сиро.

Марио Балотели нема право на настап во Лигата на Шампионите, Масимо Алегри не може да смета ниту на Де Јонг, Ночерино и Фламини, а неизвесен е настапот на Бонера и Робињо.

Барселона влегува како голем фаворит во дуелот со Милан, на Каталонците им се даваат и најмногу шанси за освојување на големиот трофеј.

Гвардиола замина, но магијата која ја создаваат Меси и останатите не запре, Барса продолжува да импресионира.

Чави се врати и најверојатно ќе биде подготвен за натпреварот на Сан Сиро, Адриано, Абидал и Давид Виља останаа во Барселона.

Како сте задоволни од досегашниот дел на сезоната?

Андреј: Да беше прашањево некаде во ноември, ќе се изнервирав што воопшто треба да го одговарам. Милан сезоната ја почна доста бедно, губеше дома од тимови како Аталанта. Многу фанови, меѓу кои и јас, се надеваа дека Алегри ќе го снајде судбината на Нед Старк (Game Of Thrones). Од сегашна гледна точка, добро е што не го отпуштија кога резултатите беа ужасни, бидејќи најверојатно ќе направеа само полошо. Алегри успеа да ја подобри формата на тимот и после победата над Јувентус кон крајот на ноември, работите тргнаа кон подобро. Тимот игра во подобра форма, се нанижаа доста победи и во моментов сме на трето место, кое од самиот почеток на сезоната е целта на раководствто на Милан. Уште пред да почне сезоната се знаеше дека истата ќе биде доста тешка и мачна. Многу ветерани го напуштија тимот на крајот од минатата сезона, а врв беше продажбата на Тиаго Силва и Златан Ибрахимовиќ, најбитните играчи во целиот тим. Дојдоа многу нови и млади играчи, на кои им требаше време да се уиграат и тоа конечно се случува последниве месец-два. Играта на тимот апсолутно не е на задоволително ниво, но ако се погледне моменталната позиција на тимот на табелата, формата на почетокот на сезоната и смената на играчите, може да се каже сум задоволен.

Диме: Не верувам дека има фан на Барселона кој што сезонава не е задоволен од тоа што Барселона гази сè пред себе во Шпанија. Но, секогаш може подобро (мото коешто Гвардиола го донесе со себе и еден од главните фактори на успехот на тимот во изминативе години). Скромноста и пристапот со респект кон противникот, колку и тоа да е по “мал” тим е една од најсилните страни на оваа екипа. Веројатно овој пристап не им се допаѓа на голем дел од неутралните љубители на фудбалот; голем дел дури и ги нарекуваат лицемери поради скромноста во изјавите на играчите и тренерскиот тим. Но, овој пристап е оправдан со големиот број титули освоени во изминативе сезони и, се надевам, во уште многу наредни. Во поглед на европските натпреварувања, Барселона не изгледаше толку убедливо како претходно. Но, исходот на сезоната се оформува кон крајот на февруари и март, и според мене доколку формата на Барселона се покачи за едно ниво, ќе бидеме сведоци на уште една сезона со трофеи за веќе преполните витрини на клубот.

Милан има подобра историја во Лигата на Шампионите, но според сегашната состојба, Барса е реален фаворит, што очекувате од овој дуел?

Андреј: После Реал Мадрид, Милан е најуспешниот тим во Лигата на Шампионите. Дури и да се погледнат последниве 10 години, Милан има 3 финалиња и едно полуфинале, резултат со кој можат да се пофалат многу малку клубови. Е сега проблемот е што историјата не значи апсолутно ништо во вакви дуели. Историјата не значи ништо во било кој дуел, така што тоа не би го земал како фактор кој одлучува во конечниот резултат. На крај краева, играме против Барселона, реално најдобриот тим во светот последниве неколку години. Нормално дека тие се фаворити. На хартија.

    Што се однесува до очекувањата, мислам дека ќе гледаме тежок и мачен натпревар, со стандардно огромен посед на топката од страна на Барселона и убивање на играта до степен што почнуваш косата да си ја кубеш. Тие се единствениот тим кој не сакав да ни се падне во осмина финале, али неќе среќа поштеног човека. Не сакам да бидам дефетист, иако знам дека шансите за успех од двобојот се мали, па затоа ќе речам дека очекувам Милан да продолжи понатаму. Не е далеку 2007ма, кога никој жив не ни помислуваше да го стави Милан како фаворит за титулата во Лига на Шампиони. И тогаш сезоната почна катастрофално, но заврши со трофеј во Лига на Шампиони. Секако дека тогаш го имавме Анчелоти како тренер и далеку поискусна екипа, но зборот ми е дека сепак никој не очекуваше дека ќе поминеме преку Баерн Минхен, Манчестер Јунајтед и Ливерпул.
    
    Очекувам и Дани Алвеш да се тркала по терен како заклана кокошка, Валдес да претрчува 100 метра преку цел терен и да бара жолт зашто некој попреку го погледнал Меси. Штета што Фламини се повреди ден пред напреварот, инаку очекував да прати некого директно у амбулантна кола.

Диме: За педигрето на Милан воопшто не треба ни да разговараме, сите знаеме дека само Реал Мадрид има повеќе титули од нив во Европа. Барселона е фаворит според фудбалските “експерти”, но јас сеуште сакам да верувам дека во Лигата на Шампионите нема фаворити. Ова е куп натпреварување, во два натпревари сè може да се случи. Не секогаш победуваат фаворизираните екипи, на пример мечот на Барселона со Селтик, или мечот помеѓу Манчестер Сити и Ајакс во Амстердам (поради овој пораз фаворитот Мачестер Сити испадна од Лигата на Шампиони и Лига Европа), двата меча од овогодинешниот циклус по групи. Не очекувам да има многу голови на двата натпревари, напротив, очекувам цврст натпревар со многу дефанзива почнувајќи на средината на теренот.
 
Кои се силните а кои слабите страни на вашиот тим?

Андреј: Одбраната е слаба алка во тимот. Алегри потврди дека стартната одбрана ќе биде Абате, Мексес, Запата и Констант, што во моментов е најдоброто со кое располага Милан. Одбраната прави многу грешки, што тим како Барселона ќе знае многу добро да ги искористи. Втора слаба страна која треба да се истакне е Боатенг. Страшен пад у форма, сенка на играч кој беше минатите две сезони. Прави грешки во напад, нон-стоп шутира од големи далечини непрецизно кон голот. Упропастува многу шанси за тимот. Доколку може да ја повтори формата и енергијата што ги имаше минатите две сезони, Боатенг е ѕвер. Нека ви текне само какви голови им даде на Барселона и Арсенал минатата сезона, или на настапот против Лече кога Милан губеше 3-0, а Боатенг влезе во второ полувреме и постигна хет-трик за 14 минути и Милан го доби натпреварот со 4-3.
    
    Ден пред натпреварот, Милан искача со соопштение дека Фламини и Ночерино нема да настапат поради повреда. Многу лоша вест, бидејќи еден од нив (најверојатно Фламини) секако ќе играше. Тие двајца се тип на играчи кои трчаат по цел терен, маваат играчи, Фламини ги тепа. Ќе видиме кој би играл во средина сега, останува на Алегри да одлучи.
    
    Силните страни се Ел Шарави и Монтоливо. Очекувам тие да бидат главните на теренот од екипата на Милан, кои ќе ја контролираат играта.

Диме: Барселона има многу силни страни, поради што е и еден од најдобрите клубоови во светот во моментов. Валдес е веројатно најдобриот голман 1 на 1 во светот, а фантастичното разбирање меѓу Пујол и Пике и донесе на Барселона стабилност во одбраната како никогаш до сега. Повратникот Жорди Алба како никогаш да не си отишол од Барселона; игра фантастична сезона во секој поглед. Дани Алвеш по проблемите со повредите од почетокот на сезоната, во оваа календарска година е во фантастична форма. Бускетс е тивкиот убиец на Барселона, најинтелигентниот дефанзивен играч од среден ред во светот. Коментари за Чави и Иниеста се излишни. Фабрегас конечно сезонава почнува да го наоѓа своето место во тимот, што не беше случај во претходната сезона. Педро и Алексис Санчез се фантастични дефанзивно, додека офанзивно отвараат простор за Меси. А Меси... е Меси. Еден од ретките кои имаат пад во формата од претходните сезони е Маскерано кој на моменти ја покажува својата недисциплинирана страна; непромислени стартови, често пати на погрешна позиција, едноставно остава простор за напаѓачите да можат да експлоатираат. Клупата која ја има Барселона е исто така фантастична: Адриано е еден од најдобрите играчи во тимот сезонава, неговата способност да игра со двете нозе му заврши многу работа на Виланова. Давид Виља нажалост е на клупа поради споро опоравување од повредата и техничка одлука на тренерот (веројатно нема да влезе во потесниот избор за првиот натпревар поради опоравување од проблеми со бубрезите), а Тељо ги искористи своите минути оваа сезона најдобро што може - со голови и асистенции. Сонг сеуште се адаптира на стилот на игра, последниот натпревар на кој што настапи беше прв кој што го изигра без забележливи грешки. Сите овие атрибути на индивидуално фантастични играчи не би биле доволни за освојување титули (за што сведочат двете последни сезони на Рајкард во Барселона); најважен е тимскиот дух и респектот кон противникот. Оваа Барселона ги игра сите натпревари како финале, од почеток до крај и со комплетна посветеност на своите играчи. Најсилната страна на овој тим е способноста да ја одземат топката од противникот многу брзо откако ќе ја изгубат (константен пресинг на сите играчи, т.н. “смалување на теренот” во првите 10тина секунди; ако пресингот е неуспешен целата екипа се префрла на позициона одбрана). Иако можеби звучи чудно дека најнапаѓачки ориентираната екипа во светот е на врвот на светскиот фудбал поради својата дефанзивна страна, цврсто стојам на мојот став.


    Слабите страни на тимот според мене не се многу. Валдес е склон на киксови, кои иако се ретки, скоро секогаш се случуваат на важни натпревари. Барселона не игра добро против екипи што играат пресинг, но ретко која екипа издржува цели 90 минути со ваква игра. Со зборовите на Пеп Гвардиола: “Барселона е очајна без топка”, факт поради кој Каталонците ја базираат својата игра на посед на топка (еден од главните фактори за историскиот успех). Монтоливо е новиот “Пирло” во Милан, и мислам дека ќе покаже зошто му ја имаат залепено таа етикета. Статистиката покажува дека дури 53 проценти од головите кои ги постигнал Милан оваа сезона се вон шеснаесетникот. Барселона има голем проблем со нафрлувања од слободни удари, корнери, и општо дефанзивна игра во својот шеснаесетник (60 проценти од головите што Барселона ги прими во Ла Лига оваа сезона се во шеснаесетникот), фактор кој Милан ќе проба да го искористи до максимум поради значителната разлика во висина помеѓу играчите на двете екипи. Секогаш непредвидливиот Боатенг е исто така голема закана за Барселона, како што покажа и во минатогодишната битка во четврт-финалето.

Кои се слабите страни на противникот кои вашиот тим треба да ги искористи?

Андреј: Што и да пишам овде, каква анализа и да направам, ќе испаднам смешен. Тешко е на ваков тим на Барселона, кој се уигрува со години, има неверојатни резултати и кој е познат по својот стил на игра, да им најдете слаби страни.

Диме: Најголем процент на примени голови по средината на теренот (многу помалку од крилата) е статистика која треба да ги плаши фановите на Милан, посебно во двата натпревари против Барселона (извонредни 63 проценти од головите на Барселона сезонава се дадени преку средниот дел на противничката третина). Причината е тоа што во Барселона на таа позиција игра Меси. Битките Ел Шарави против Дани Алвеш и Нианг против Жорди Алба би требало да бидат клучни, мислам дека крилата се најголемата закана во тимот на Милан во моментот. Исклучување од игра на средниот ред на Милан, посебно Монтоливо, е круцијално за Барселона во овој двомеч. Вклучувањето на Амбросини во средниот ред би можело да придонесе за постабилна средина на теренот, и успорување на средниот ред на Каталонците, но Амбросини е веќе стар и може токму овој потег да отиде во прилог на Барселона (Амбросини изигра два фантастични натпревари минатата година, и покрај годините). Веројатно средниот ред на Барселона ќе се обиде да ја измори тројката во средината на теренот на Милан; по 60тата минута вообичаено на секој натпревар Барселона игра по агресивно и верувам дека тука ќе се бара шансата за добар резултат на гостински терен. Подостарената одбрана (во централниот дел) на Милан може само да и оди во прилог на Барселона.

Лео Меси по четврти пат ја доби Златната Топка, Аргентинецот не престанува да импресионира, постојано запишува нови бројки во книгите за фудбалски рекорди. Го гледаме ли најдобриот фудбалер на сите времиња? Некои сметаат дека му фали успех со Аргентина за да стане Кралот на фудбалот. Кое е вашето мислиње на оваа тема?

Андреј: Можеби не заслужи сите четири пати да ја освои Златната Топка (2010та, на пример). Прашањето за најдобар фудбалер не можам туку така да го одговорам, бидејќи имало и има многу добри фудбалери кои играле и играат фудбал. Она што го прави Меси е вонземско, страшно, и тој е дефинитивно еден од ретките кои може да конкурираат за таа позиција "Најдобар на сите времиња". Но, јас лично никогаш нема да покажам со прст кон некој фудбалер и да речам дека ете тој е најдобар кој некогаш играл фудбал. Успех со Аргентина за да биде најдобар фудбалер нема да му фали. На крај на кариерата и ништо да не освои со Аргентина, Меси ќе биде забележан како еден од најдобрите. Вакви бедни сфаќања може да има само Пеле, кој скоро целата кариера ја поминал во бразилска лига и поима нема како изгледа европски фудбал.

Диме: Моето скромно мислење е дека играч не мора да освои нешто со својата репрезентација за да биде најдобар. Да, Пеле освоил 3 светски првенства, но никогаш не играл клупски фудбал на највисоко ниво, во Европа. Лигата на Шампиони е многу потешко натпреварување од Светското Првенство, екипите играат заедно константно, многу повеќе време се посветува на противникот, и се игра цела сезона. Националните првенства во Шпанија, Англија, Италија, Германија, Франција е многу потешко да се освојат отколку Светското Првенство поради тоа што се игра против 19 екипи во текот на цела сезона по два пати, додека Светското Првенство се игра еден месец. Тоа е исто како да споредуваш маратонци со тркачи на 100 метри. Јохан Кројф направил многу повеќе за фудбалската игра како играч и тренер отколку Пеле, а сепак Пеле е неофицијалниот “најдобар играч на сите времиња”. По мене, Пеле не може да се споредува со Ди Стефано, Марадона, Кројф, Бекенбауер, Сократес, Матеус, Зидан итн., играчи кои се докажале на најголемата светска фудбалска сцена. Но, моето мислење е осакатено со тоа што јас никогаш не сум гледал како Пеле игра цел натпревар, а камоли цела сезона.

    Златните топки на Меси се комплетно заслужени. Секоја недела докажува зошто е најдобар во светот, секоја година (во последните 5) напреднува во секој поглед, визија во играта, голови, асистенции, дриблинзи, тимска игра, поставеност на теренот, игра во одбрана. Одлуките кои што ги носи во најмалиот дел од секундата е тоа што го одделува од другите, и една од причините зошто е подобар од Кристиано Роналдо. Скромноста која ја поседува, респектот кон противникот и желбата да победи и да биде подобар го одделуваат од сите останати во светскиот фудбал денес (Кристиано Роналдо е најблиску до него, а сепак толку далеку). Дали е најдобар во историјата? Ќе знаеме кога ќе ја заврши својата кариера. Дали е најдобар во својата генерација? Апсолутно.

Роналдо, Ривалдо, Роналдињо, Клајверт, Албертини, Ибрахимовиќ, Рајкард, Рајзингер, Ван Бомел, Ѕамброта се дел од фудбалските ѕвезди кои ги поврзуваат двата клуба. Кои од овие ликови оставил најголем печат во вашиот клуб?

Андреј: Од сите овие, Рајкард и Албертини. Рајкард е единствениот од наведените кој во Милан играл, а во Барселона бил тренер. Тој има огромна историја со Милан, беше член на легендарната екипа од крајот на осумдесетите и почеток на деведесетите на Ариго Саки. Албертини е легенда на Милан, но многу малку има играно во Барселона. Ибрахимовиќ и Ван Бомел се најзаслужни за титулата во Серија А на Милан од пред 2 сезони. Да не го испуштиме и Бојан Кркиќ, кој е дете на Барселона, а во моментов игра за Милан. Можеби утре ќе ја запечати судбината на Барселона.

Диме: Во период кога клубот беше во огромни проблеми, дури слободно можам да кажам, во депресија (периодот кога претседател на клубот беше Гаспарт, од 2000 до 2003), фановите на Барселона не гледаа излез од ситуацијата. Барем јас како фан на Барселона не гледав излез. Требаше да се случи чудо за клубот да се врати на старите победнички патеки. Чудото дојде во форма на харизматичен, секогаш насмеан бразилец, кој дојде како замена за ветениот Дејвид Бекам, кој всушност веќе беше член на Реал Мадрид. Трикот од ракавот на Сандро Росел (сегашниот претседател на клубот) Роналдињо настапи на европската фудбалска сцена и во следните три сезони беше незапирлив. Не верувам дека еден играч имал толку големо влијание во еден клуб како Роналдињо во Барселона. Со него (и Рајкард како тренер) Барселона повторно се искачи на врвот на фудбалот, а неговата харизма, инвентивност, непредвидливост и огромна заразна насмевка имаа огромен, круцијален удел во успонот на клубот кој беше во незавидна состојба само една сезона порано. Придонесот на Ривалдо во клубот исто така не смее да остане незабележан (130 голови во 235 натпревари), многу од неговите голови беа во круцијални моменти. Хет-трикот против Валенсија во последното коло во сезоната 2000/2001 за квалификација во Лигата на Шампионите за победа на Барселона со 3:2 (по третиот гол со ножички во 89тата минута Камп Ноу еруптираше) е едно од моите најдобри фудбалски сеќавања.

Со доведувањето на Балотели, Милан создаде екстра талентирано напаѓачко трио кое треба да ја предводи офанзивата во наредните години. Кои треба да бидат следните потези на раководството за Милан повторно да биде меѓу фаворитите за најголемите трофеи? (само за фанот на Милан)

Андреј: Политиката која Милан сака да ја форсира во иднина е доведување млади играчи, кои би го предводеле тимот многу години подоцна. Следните потези би требало да бидат носење на квалитетни централни бекови, Амброзини во пензија, 2-3 нови играчи во средината на теренот. Ел Шарави, Балотели и Нианг ќе бидат главните во нападот на Милан во годините кои доаѓаат и скроз сум задоволен со тоа. Пацини лично не ми се допаѓа како играч, и јас да се прашувам, би го сменил со некој поквалитетн напаѓач, кој би бил резерва на Ша-Ба-Ни триото. Друга измена која би сакал да се случи е промена на тренер. Иако Алегри ја освои Серија А уште во првата сезона, никако не успеа да го направи Милан победнички тим каков што треба да биде. Се согласувам дека не се секогаш проблемите во него (како што не се ни во Венгер, нели), но и кога има добри играчи на располагање, често знае да се избаци со провинцијалска тактика против рандом тим. Има легенди на Милан како Рајкард или Ван Бастен, кои би сакал да ги видам на тренерското столче. Со нив и со играчите кои ги имаме во моментов, Милан би бил подобар тим.
 
По четири историски сезони, Пеп Гвардиола ја напушти Барселона, Каталонците изгледаат импресивно и под водство на неговиот наследник, Тито Виланова, но постојат гласини кои велат дека поради сериозните здравствени проблеми тој нема уште долго да биде прв тренер на тимот. Доколку се остварат таквите прогнози, што очекуваш да се случува понатаму, ќе може ли да го задржи Барса сегашното ниво и со некој трет тренер? (само за фанот на Барселона)

Диме: Тито ја продолжи одличната работа на Пеп, во која и самиот имаше огромен удел. Оваа сезона Виланова донесе неколку промени во споредба со претходните сезони: поголем процент шут од надвор од претходните сезони и наоѓање на место во првиот тим за Фабрегас; крилата оваа сезона повеќе работат на извлекување на противничката одбрана надвор од позиција. Забележително е дека Иниеста е многу поефективен на левото крило од порано, вклучувањето на Фабрегас и Жорди Алба во тимот има голем допринос за тоа. Исто така ги нема и тактичките промени на Пеп од последната сезона кога на неколку наврати играше со 9 играчи од средниот ред.

    Филозофијата на играта на Барселона е иста од времето кога Јохан Кројф бил тренер (сеуште најдолг период на еден тренер во Барселона), така што промена на тренер кој што ќе ја следи таа филозофија би требало да носи добри резултати. Но, премногу фактори се во игра за да можеме да предвидиме такво нешто, повреди на играчи, непредвидени трансфери, смена на претседателството на клубот, промени во статутот на клубот, големиот долг кој што го има Барселона и слично. На пример сега е актуелна желбата на Виктор Валдес да си замине од клубот во потрага по нови искуства, проблем кој што јас сметам е многу поголем од колку што се претпоставува (пред Валдес да стане прв голман на Барселона, во 10 години Барселона смени многу голмани и ниеден не беше на ниво на задачата, ќе набројам само неколку Хесп, Бонано, Дутруел...). Во врска со континуитетот на Виланова, сега мислам дека поважно е да оздрави, а за барање друг тренер и слични шпекулации, по крајот на сезоната.

Ваша прогноза како ќе заврши натпреварот на Сан Сиро и кој ќе биде вкупниот победник?

Андреј: СВЕ ЈЕ ПРОТИВ НАС! Сакам 2007-ма all over again. Победа на Милан на Сан Сиро и Милан да биде вкупниот победник. Ако згрешам, нека изгораааааааам!

Диме: Се надевам дека на Сан Сиро Барселона ќе постигне барем еден гол и ќе се врати во Каталонија со предност. Гол во гости во куп натпревари е клучен. Реми со голови е секако позитивен резултат. Противникот не е било кој, туку големиот Милан; иако годинава се во транзиција, сметам дека имаат доволно квалитет и искуство да се носат со Барселона. Секој исход со постигнат гол на Барселона е позитивен исход.

Подготви: Ристе Ѓорѓиевски