24фудбал

Фан vs фан: Интер - Милан

Новинарски дуел помеѓу Владко Арсов (Интер) и Бранко Казаковски (Милан) како загревање за големото градско дерби на Милано.

Фан vs фан

26. коло во Серија А го носи големото градско дерби на Милано, познато како Дерби дела Мадонина, нова мега пресметка помеѓу Интер и Милан.

Скудетото оваа сезона не е на агендата на миланските гиганти, битката ја водат за место кое води во Лигата на Шампионите и според моменталната ситуација на табелата се чини дека само за еден од нив тоа ќе биде достижно.

Посебен зачин на ова дерби му дава контроверзниот напаѓач, Марио Балотели, поранешниот играч на Интер кој сега ќе настапи во дресот на Милан.

Формата на Интер во Серија А е во надолна линија, но позитивен момент за Нероазурите може да биде убедливата победа на гостувањето кај Клуж во Лига Европа.

Милан во многу подобра форма ќе влезе во ова дерби, Росоњерите во минатото коло успеаа да ги поминат Интер и Лацио на табелата и да дојдат до посакуваната трета позиција, а посебна сатисфакција носи играта и победата над големата Барселона.

Тешката повреда на Диего Милито е хендикеп за Интер, Андреа Страмачони нема да може да смета ниту на суспендираниот Алваро Переира, во составот на Милан ќе недостасуваат Ночерино, Фламини и Најџел Де Јонг.

Како сте задоволни од досегашниот дел на сезоната?

Владко: Очигледно не е како што посакуваат фановите на Интер. Првото место одамна е нереален стремеж, а како минуваат колата „бега“ и вице-шампионската позиција, на која моментно е Наполи со седум бода предност. Во Лига Европа убедливо влеговме во четврт-финалето, меѓутоа не можам лесно да ги проголтам лошите настапи во фазата по групи со екипи како Нефчи, Партизан, Васлуи...Сезоната не е сјајна, меѓутоа можам да бидам задоволен од друг аспект - доволно добра е за да биде поуспешна од минатата. Интер се уште „е жив“ на три фронта со реални шанси усшешно да се избори за посакуваното на секој од нив. Во Серија А целта е место во ЛШ идната сезона, значи минимум трето место кое моментно е само еден бод далеку. Дури, ако Наполи „загуби здив“ никој не смее да ни ги одземе надежите и за второто. Во ЛЕ претстои осминафиналниот двобој со Тотенхем, а во Копа Италија имаме активна негатива (1:2), пред полуфиналниот реваншот на „Меаца“, против Рома.

Бранко: Па со оглед на лошиот старт на Милан во Серија А и со големата реконструкција во тимот (заминувањето на Ибрахимовиќ, Тијаго Силва, Сидорф, Гатузо, Ван Бомел, Ѕамброта, Пато, Касано и др.) мислам дека сегашната позиција во Серија А (делбата на третото место со Лацио) и пласманот во елиминациската фаза во ЛШ треба да им дава надеж на навивачите. Пласманот на третото место во Серија А не е дострел за клуб како Милан, но уште еднаш ќе повторам, со оглед на промените во клубот, мислам дека оваа сезона носи многу позитивни работи, кои во иднина ќе донесат големи работи.

Интер игра во лоша форма, притисокот е голем, тренерското столче на Страмачони е сериозно разнишано, од друга страна Милан е во подем, по лошиот старт на сезоната Росонерите значително се подобрија и дојдоа до третата позиција во Серија А. Што очекувате од овој дуел?

Владко: Прво што очекувам е да се урне овој мит кој го чувствувам кај многумина, а и во прашањава, дека Милан е јасен фаворит. Разбирам дека триумфот против Барселона ја крева довербата во росонерите, но една победа е доволна да се свртат работите. Интер и Милан се на само еден бод разлика и тоа е јасен показател дека имале сличен пат оваа сезона со една клучна разлика: победничката серија на Интер помина, а Милан сега е во подем. Точно, притисок врз тренерот мора да постои штом екипата има три победи во последните 10 првенствени натпревари, меѓутоа Интер има еден квалитет што сите го превидуваат и го потценуваат - карактер и присебност во важните натпревари. Во првата половина од сезоната ги победивме и Милан и Јувентус и Наполи, првите три екипи на табелата. Во групната фаза од Лига Европа игравме на работ на речиси сите натпервари, но еве нок-аут фазата ја поминавме со вкупен резултат 5:0 против Клуж. Поентата ми е, Интер делува несигурно, но во важните натпервари речиси секогаш игра одлично. Победа против Милан е идеалниот начин да се прекине кризата и да почне потерата по зацртаните цели. Милан ја има самодовербата, но ни оддалеку нема екипа да го издржи темпото на ЛШ и на првенството истовремено. Победата над Барселона е позитивен знак за нас, навивачите на Интер. Нека „летаат“, горе е високо, ама долу е тврдо.

Бранко: Без разлика на моменталната позиција на тимовите, формата или листата на повредени фудбалери, овој дуел е градско дерби со повеќе од 100 годишна историја. Па затоа како и секогаш очекувам интересна и содржајна пресметка и мислам дека ќе победи тимот кој ќе биде помотивиран и повеќе ќе ги сака трите бода. Двата тима секогаш имале квалитет во своите редови, па затоа и мислам дека и тимот кој ќе биде тактички поподготвен тој ќе биде успее да се радува на крај. И очекувам една силна „подршка“ од трибините за Антонио Касано и секако гол на Марио Балотели, кој ќе го прослави на трибината каде што се најверните навивачи на Интер!  

Кои се силните а кои слабите страни на вашиот тим?

Владко: Нема да се лажеме, има(ше) многу празнини во екипата по перфектната сезона 2009/10. Повредата на Милито е силен хендикеп во лошо време, затоа што дури и со него, недостасуваше вистински „убиец“ во нападот, камо ли сега. Сите офанзивци знаат да одиграат, но проблем е тоа што не се постојани и токму тоа е разликата меѓу врвните напаѓачи и оние од Интер. Мислам дека полека се покрива отсуството на Весли Снејдер во креативниот ред. Кога ќе речам отсуство не мислам само на овие неколку месеци додека не играше, туку уште од 2011, кога човекот, едноставно, се засити и беше незаинтересиран. Гуарин, Алварез даваат живост, можеби недостасува цврстина бидејќи Камбијасо одамна почна да се движи надолу со формата, а неправедно е тимот уште да се потпира на Занети. Рано е да се повикуваме и на новите имиња, Кузмановиќ и Ковачиќ и затоа средниот ред ќе мора да има еден од добрите денови. Одбраната има одлични индивидуалци и не можам да разберам како успева толку често да капитулира. Тука треба да се бара вината и во Страмачони кој смени три-четири формациски решенија во задната линија досега во сезонава. За да функционира една одбрана мора да има комуникација, лесно разбирање и рутина, а тоа не се постигнува со постојано експериментирање. Се на се, Интер има капацитет да си поигра со Милан, прашањето е со каква сериозност ќе излезе на теренот и дали ќе го даде максимумот, дали ќе преовладува мотивираноста или ранливоста.

Бранко: Моментално најсилната страна на Милан е нападот. Не е никаква тајна ако се каже дека Ел Шарави, Балотели и Нијанг го формираат едно од најпотенцијалното трио во светскиот фудбал, а за само кратко време покажаа дека можат да функционираат заедно. Тука не смееме да ги заборавиме Пацини и Робињо, но и Боатенг кој во зависност од замислите на Алегри, може да одигра во нападот. Најслабата страна на Милан сезонава е одбраната (иако тоа не беше случај против Барселона). Сепак оваа сезона „росонерите“ покажаа многу слабости во овој дел од играта и речиси и да нема натпревар во Серија А на кој немаат примено барем еден гол (само на четири натпревари сезонава успеле да не примат гол).

Кои се слабите страни на противникот кои вашиот тим треба да ги искористи?

Владко:  Силно верувам дека и Алегри и целата екипа против Барселона ја имаше најдобрата вечер во последните неколку години. Тимот одигра беспрекорно и тоа е импрсивно имајќи предвид кои фудбалери трчаа на теренот. Признав за Интер, а сега кажувам и за Милан - недостасува „тешка артилерија“ за ваквите изданија (како со Барса) да не бидат „пријатни изненадувања“ туку секојдневие. Не зборувам за звучни фудбалер, туку за квалитетни фудбалери. Милан ја победи Барселона со Запата и Констант во одбраната, со Мунтари и Амброзини во средниот ред. Колку врвни натпревари можат да одиграт овие фудбалери. Монтоливо треба да го замени Пирло. Го прави тоа, ама на секој петти натпревар. Нападот е веројатно најсветлата точка, затоа што таму е Ел Шарави, кој, рака на срце напредуваше многу во последниве месеци и двајца поранешни фудбалери на Интер кои ќе играат со екстра мотивација. В недела мора да се изолира нападот, да се пресече врската меѓу него и средниот ред, иако тоа нема да биде лесно бидејќи видовме како Ел Шарави и Боатенг се враќаа да покриваат. Арно ама сега Милан нема да игра против Барселона и нема да биде повлечен и толку внимателен. Пресинг на половината на противникот, затворање секогаш кога Монтоливо, Амброзини ќе се обидат да креираат нешто. Треба да се принуди задниот ред да игра повеќе со топката, а тоа е „обид за самоубиство“ во фудбалот.

Бранко: Ранокија, Жуан Жезус и Переира се шансите на Милан (од голема почит го изоставувам Занети). Одбраната на Интер не е на нивото како во минатото кога ѕидот пред голот го формираа Лусио, Самуел, Маикон, Занети. Има големи „дупки“ во одбраната на „нераѕурите“ и очекувам Милан да го искористи тоа. Со оглед на фактот дека Милито нема да игра на овој дуел поради повреда, Касано и Паласио се единствените закани кон Абијати, но очекувам да се справиме со нив доста лесно.

Кое Дерби дела Мадонина ви оставило најголем впечаток?

Владко: Ах...тоа е богата историја, ама мене ми одговара да се задржам на поблиското минато. За ова мора да направам топ-3 и тоа со потребната доза на објективност (се сомневам дека мојот противник во овој дуел ќе го направи тоа). Трето место е победата на Интер од 3:2 пред 7-8 години, кога Адријано постигна гол во судиското продолжение.

  Второ е натпреварот кој требаше да заврши уште поубедливо за Интер, но се задоволивме со гол-шоуто во победата од 4:3, во 2006/07, кога Матераци даде гол за 4:1 и доби црвен картон на 20-тина минути до крајот. Тоа не не спречи да освоиме три бода.

  Е, прво место е победата на Милан од 3:2 во 2004 година. Не може да не биде тој натпревар. Можеби некој го има гледано видео клипот со коментаторите на Интер и на Милан, еден до друг, како премираат на секој гол на нивните миленици - е тоа е овој меч. Интер водеше со 2:0 на полувреме, а потоа Милан направи целосен пресврт кој го заклучи со една бомба на Седорф од 30-тина метри, во финишот на мечот. За жал, најдобриот меч меѓу двете екипи, според мене, му припадна на Милан.

Бранко: Па секој фан на Милан се сеќава на победата од 6-0 во 2001-та години. Ова дерби ќе ми остане како едно од омилените, не само поради високата победа, туку по фактот што тогаш Милан имаше катастрофално лош тим меѓу кои единствени светли точки беа Шевченко и Малдини. Таа година со подпросечен тим успеавме да го победиме градскиот ривал со неверојатни 6-0. НЕПРОЦЕНЛИВО!

Балотели со посебни мотиви ќе настапи на овој натпревар, за прв пат против својот поранешен клуб, Интер. Големиот талент кој го поседува Марио е во сенка на неговото проблематично однесување. Каква иднина му предвидувате, ќе успее ли Балотели да созрее и на теренот да го покажува она за што е платен?

Владко: Марио никогаш нема да созрее! Фудбалот расипал и подисциплинирани фудбалери од него, а тој изиграваше ѕвезда уште додека беше „новороденче“ меѓу резервите на Интер. Неспорен е неговиот талент, но мислам дека максимумот во кариерата ќе му бидат изолираните блесоци, како што тоа беше на ЕП во Полска и во Украина, на пример, во дресот на Италија. Тој не може да биде доминантен во една лига како на пример Ван Перси во Англија, до душа, тој не може да биде доминантен ниту во една екипа. Секогаш меѓу него и успехот ќе се испречи желбата за внимание, за рефлекторите и објективите. Е сега, проблемот е тоа што еден од неговите блесоци може да видиме и в недела. Ако „ нормален“ фудбалер игра мотивирано против својот поранешен тим, Балотели ќе гриза да му е последно против Интер, во тоа не се сомневам.

Бранко: Никој не може да предвиди каква кариера ќе има Марио Балотели, затоа што и тој самиот не знае што сака. Доколку неговиот ум и тело се фокусирани само на тренинг и натпревари, не се сомневам дека ќе може да го достигне нивото на Меси и Роналдо. Да не заборавиме дека се работи за 22 годишно момче кое заработува милиони, а потекнува од сиромашно семејство. Мислам дека со годините тој ќе созрева и искрено се надевам дека до тогаш нема да направи некоја преголема глупост која ќе му ја загрози кариерата.

Интер игра во лоша форма во Серија А, се почести се шпекулациите за смена на Страмачони, но се чини дека раководството треба сериозно да размисли и за освежување на тимот. Што треба да направат челниците на клубот за Интер повторно да биде конкурентен за најголемите трофеи? (само за фанот на Интер)

Владко: Освежувањето на тимот е подолг процес кој веќе тече. Одлична инвестиција е Матео Ковачиќ, сега потребно е да се размислува за сериозен напаѓач. Уште долго нема да можам да го преболам трансферот на Фелипе Кутињо затоа што се работи за неверојатен играч, следниот Кака, ако ме прашувате мене. Во освежувањето на тимот дозволени се ексцеси од типот на Томазо Роки само ако тој е решение за последните 10 минути од натпреварите, или ако се повреди резервниот напаѓач во екипата. Касано беше почеток, се надевам дека ќе имаме разумно продолжение на потезите на трансфер-пазарот. Треба да им се даде последен поздрав на некои имиња како Станковиќ и Киву, па можеби и Камбијасо, а нивните замени да бидат конкретни решенија, не некои експерименти со плиток рок на траење. Страмачони ми е посебна точка на дневниот ред. Човекот е квалитетен стратег, но тој меѓу тренерите е она што е Матео Ковачиќ меѓу фудбалерите. Европската титула со „примавера“ не мораше да биде препорака за главен тренер на првата екипа, но тоа е веќе сторено. Не дека со некој друг Интер ќе беше подобар, но Страмачони не делува како да знае што да прави. Сега е доцна за промени и затоа попаметно е да си остане на клупа до крајот на сезоната. Тоа ќе му биде испит за следната сезона. Ако не успее, никој не смее да обвинува дека требало да биде сменет затоа што тврдам дека евентуална промена сега, ќе се одрази само како катастрофалниот потег со Леонардо, во сезоната по Мурињо.

Милан направи сериозна реконструкција на тимот, голем дел од искусните фудбалери, но и Тиаго Силва, заминаа. Алегри беше критикуван за лошиот старт, но како одминуваше времето тимот беше се подобар, кулминацијата се случи во средата кога во одлична игра беше победена Барселона. Голем дел од заслугите одат токму на адреса на Алегри, Росоњерите не и дозволија на Барса да создаде ниту една посериозна шанса за гол. Какво е твоето мислење за Алегри, треба ли да остане на клупата на Милан? (само за фанот на Милан)

Бранко: Уште на самиот старт на сезоната претпоставував дека ќе биде тешко. Масимилијано Алегри покажа дека е одличен тактичар и фантастичен тренер сезонава. Исто така сум воодушевен од фактот што раководството на Милан му укажа доверба кога беше најтешко и мислам дека токму таа доверба во тренерот ја извади екипата од резултатската криза. Алегри летово загуби десет фудбалери и доби нови десет, па затоа беше тешко да се пронајде вистинската формација, игра и вистинските играчи. Мислам дека оваа сезона покажа дека Алегри ја заслужува клупата на Милан и очекувам тој да биде нашиот нов Ариго Саки.

Ваша прогноза, како ќе заврши ова Дерби дела Мадонина?

Владко: Знам само дека Интер нема да загуби, тој филм нема да го гледате. Е сега, се надевам дека ќе имаме сили за победа. Триумфот во Романија, колку толку, го „замачка“ поразот од Фиорентина минатата недела, а ако на тоа се додаде специјалната мотивација што ја носи Милан како противник нема причина зошто да не победиме. Пак ќе повторам, предност за нас е фокусираноста на Милан на ЛШ и на Барселона, а исто така никој не може да ме убеди дека овие играчи во црвено-црно можат да одиграт и втор таков натпревар за само четири дена. Сепак, колку и да се надевам на три бода, новинарската објективност и кладилничарското чувство некако ме тераат да „мирисам“ реми. Луѓе, овие екипи последно играле нерешено во октомври 2004 година! Тоа е предолго...значи, желбите се победа од 3:1, ама реалната прогноза е дека ќе се поделиме и по еден бод и по еден гол.


Бранко: Чиста победа од 2-0 на Милан, а ги знам и стрелците, Балотели и Шарави.

Подготви: Ристе Ѓорѓиевски