24фудбал

ФИФА му нареди на Розберг да го тргне пехарот од СП од кацигата

Германскиот Формула 1 возач, Нико Розберг е принуден да го промени дизајнот на кацигата по наредба на светската куќа на фудбалот

СП 2014

Во вторникот, Нико Розберг соопшти дека овој викенд на Големата награда на Германија ќе носи специјално дизајнирана кацига со која сака да им одаде признание на своите сонародници за триумфот на мундијалот во Бразил.

На кацигата го имаше германското знаме, слика од трофејот што се доделува на светските првенства како и четири ѕвезди кои ги симболизираат освоените светски титули на ’Панцирите’.

По ова веднаш се огласи ФИФА, светската куќа на фудбалот вели дека трофејот е брендирано лого, и употреба на негова слика ќе значи кршење на правата за интелектуална сопственост.

Нико Розберг изрази жалење од ваквата одлука но истакна дека ќе ја почитува и ќе го тргне пехарот од кацигата.

Мерцедес АМГ Ф1 тимот попладнево го соопшти конечниот дизајн, на кацигата ќе останат знамето на Германија и четирите ѕвезди, од кои во преден план ќе биде ѕвездата која го симболизира триумфот на мундијалот во Бразил.