24фудбал

Бетмен велит: Eл Мадригал – теренот на „Жолтата Подморница“

Виљареал е жив потсетник на тоа дека успесите на „малите екипи“ како Стеауа во 86-тата или Црвена Ѕвезда во 1991-та година се можни и во денешно време, кога во модерниот фудбал владеат други фактори на доминација

Колумни
Aко при спомнувањето на името Виљареал најраните спомени ви се од крајот на минатиот век, не треба да бидете воопшто зачудени. Ако првите сеќавања на тимот со надимак како една песна на „бубачките“ од Ливерпул ви датираат од 98-мата година кога малиот клуб од уште помалиот истоимен град во провинцијата Кастељон се покажа како голем залак дури и за најголемите имиња од шпанскиот фудбал, треба да знаете дека тука „нема ништо спорно“. Вистината е таа – „жолтата подморница“ својата фудбалска ренесанса ја доживеа токму пред 13-тина години, кога пристигна меѓу фудбалската елита на Пиринеите и сериозно ја најави својата кандидатура за висок пласман, веројатно незамислив за никој од навивачите на тимот, освен можеби за идеологот и главен финансиер на овој успех, магнатот од индустријата за производство на керамички плочки, Фернандо Роиџ.
 
 
Виљареал е жив потсетник на тоа дека успесите на „малите екипи“ како Стеауа во 86-тата или Црвена Ѕвезда во 1991-та година се можни и во денешно време, кога во модерниот фудбал владеат други фактори на доминација. Веројатно се сеќавате на пеналот на Хуан Роман Рикелме во 90-тата минута од полуфиналниот реванш во Лигата на Шампиони против Арсенал кој Јенс Леман „го фати жив“, а со чија реализација овој симпатичен тим ќе беше во позиција да се бори за финале во најпрестижното натпреварување на Стариот континент, сезоната откако Виљареал заврши на третото место во Шпанија.
 
Тимот е формиран во 1923-та година и од тогаш до ден денес не го напуштил својот дом – Ел Мадригал е стадионот на кој клубот од малото гратче во Кастељон „живуркал“ повеќе од 70 години пред да види посериозна акција. 
 
 
За естетско-функционален напредок од мало стадионче кое суштински се состоело од терен заграден со жолта ограда, до нешто што и би личело на стадион Ел Мадригал чекал 30-тина години, односно до средината на минатиот век во кој добива трибина, а десетина години подоцна се појавува новата покриена северна трибина. Во 1972 година, откако Виљареал успева да се задржи во Втората фудбалска дивизија две сезони по ред, Ел Мадригал расне и се збогатува со уште една, јужна трибина, како и рефлектори спонзорирани од градската општина.
 
До почетокот на 90-тите години стадионот трпи уште неколку корекции, а најинтересната во овој период, покрај неколкукратното обновување на трибините или нивно рушење и градење на нови и поголеми, е тоа што за прв пат во овој период Виљареал игра на стадион кој содржи кабини за пресоблекување како содржина интегрално инкорпорирана во една од трибините.
 
 
Седум години по напуштањето на „Терцера“, Жолтата подморница пристигна меѓу великаните во Шпанија, сигнализирајќи потреба од проширување и модернизација на стадионот на кој треба да се пречекаат Реал Мадрид, Барселона и останатите големци од Примера. Таквите промени се континуирани, трибините полека се покриваат и стадионот добива свој лик кој реално, никогаш не можеме да кажеме дека е конечен, токму поради изненадувањата како покриениот „амфитеатар“, насаден на источната трибина, кога веројатно би си помислиле дека „тоа е тоа“ со Ел Мадригал.
 
 
Којзнае, доколку некој друг „Рикелме“ реализира удар од белата точка кога им е од животна важност на навивачите од клубот кој игра на стадион со капацитет од 25,500 гледачи, а доаѓа од град кој има само 50 000 жители ќе видиме уште некој новитет на овој стадион. Во меѓувреме, Ел Мадригал ќе продолжи да биде место кое фаворитите би сакале да го избегнат, без оглед на моменталната форма на тимот.
 
Автор: Бетмен велит