24фудбал

Фудбалска ренесанса во Лигурија

Како Синиша Михајловќ ја препоради Сампдорија, од тим кој со сите сили се бореше за опстанок, создаде екипа која атакува на местата кои водат во Европа.

Колумни
Областа Лигурија преку своите два најпознати фудбалски клубови, Џенова и Сампдорија, доживува нова фудбалска афирмација. Градот Џенова, познат по своето пристаниште, стана особено интересен за фудбалскиот свет поради одличните достигнувања на вечните градски соперници. 
 
Во оваа колумна вниманието ќе го насочиме кон фудбалскиот клуб Сампдорија и нејзиниот преродбеник Синиша Михаловиќ.
 
Се започна кога од функцијата менаџер на клубот беше сменет Делио Роси и на негово место беше назначен Михајловиќ. Неговата примарна заадача беше да го спаси тимот од испаѓање од најдобрата италијанска фудбалска лига, во сезоната 2013/14. 
 
Преку својата замисла за актуелната 4-2-3-1, која понатаму се трансформираше во 4-3-3, формациска поставеност успеа да забележи одлични резултати на почетокот, Реми со Лацио и Интер и уште три победи со ред. Во наредниот период имаше и успони и падови, но на крајот Михајловиќ успеа да ја оствари својата цел, Сампдорија заврши како 12то пласирана екипа во Серија А.
 
Се поставува прашањето како Михајловиќ го направи ваквиот пресврт во Сампдорија? 
 
1. Првенствено го промени менталниот склоп на играчите и раководството на екипата и наметна победнички менталитет, носејќи со себе тим од помошници со кои долго време соработуваше;
 
2. Го задржа костурот на екипата и воведе неколку млади играчи како дополнение на костурот на екипата, но пред се застана позади ставот на раководството за продавање на највредните играчи на трансфер пазарот, како би се одржала стабилна финансиската состојба во клубот;
 
3. Паметно ги водеше пресконференциите, притоа скривајќи ги своите намери водеше вербална “војна” со противничките тренери, а со тоа го тргаше вниманието на медиумите кон играчи. Цитирањето на Кенеди или Данте само ја надополнуваат сликата.
 
Меѓутоа колку и да е големо влијанието на менталната подготвеност и психичката мотивираност, сепак тактичките замисли и формациската поставеност се тие кои го носат најголемиот товар. 
 
Во неговиот тим постави 4 основи/бази врз кои ќе се гради тимот. Првата база е голманската позиција каде на почетокот на сезоната бранеше Емилиано Вивијано, а подоцна на голот застана најдобриот аргентински голман Серхио Ромеро.
 
Втората база е одбраната. Во овој дел како стожер функционира Даниеле Гасталдело и како тактичка замисла е десниот бек Лоренцо Де Силвестри да оперира поофанзивно додека левиот бек и другиот централен дефанзивец, заедно со Гасталдело да формираат тројка во одбрана. Самопожртвуваноста и високото ниво на дефанзивна организираност ја прават Сампдорија една од екипите со најмал број примени погодици.  
 
Третата база е средниот ред каде “алфа и омега” е Анџело Паломбо. Неговата задача е првенствено дефанзивна и ја покрива празнината што настанува при евентуално пенетрирање на противничката половина на офанзивниот страничен бек.
 
Четвртата база е формирање на напаѓачко дуо во имињата на Стефано Окака и Маноло Габиадини. Можеби не се една од најпрецизните екипи во Италија, но се чини дека постигнатото е повеќе од доволно.
 
Ваквата формациска поставеност му донесе 6 победи, 9 нерешени и само еден пораз, а со тоа котираат на високото 5то место после 16 одиграни кола, со исто бодовно салдо како и трето пласираниот Лацио.
 
Се покажаа точни анализите на голем број фудбалски стручњаци кои кажуваат дека Михајловиќ во Сампдорија се преслика самиот себеси како играч. Како генетски код ги впиша борбеноста, агилноста, агресивноста и брзината. Сето тоа му послужи да ги пренесе своите замисли на теренот преку високо ниво на пресинг игра, брзи контра напади и користење на индивидуалните способности на неговите играчи, во насока на зголемување на ефикасноста на тимот.
 
Со оглед на ограничените ресурси, како играчки така и финансиски и инфраструктурни, постигнатите резултати се рамнат со импресивност. Ако само пред една година Михајловиќ тежнееше кон опстанок во елитата, денес се погласни се неговите најави за место во финалето од купот на Италија, преку кое би избориле пласман во Европа идната сезона.
 
Се чини и покрај песимизмот на многумина околу неговиот ангажман во Сампдорија, поради неговите претходни неуспешни тренерски активности, сепак тој е вистинскиот човек на вистинско место. За волја на вистината, сега Сампдорија е таа која се плаши од негово евентуално заминување од клубот, поради се поголемиот број на шпекулации околу тимовите кои се заинтересирани за неговите услуги.
 
Дејан Јанчевски