24фудбал

Еволуцијата на фудбалот

Патот на еволуцијата во фудбалот: од фудбалски клуб до финансиска институција, од фудбалер до најтргувана стока на пазарот.

Колумни
Периодот што ни претстои, почетокот на новата година, претставува еден од побитните елементи во светот на фудбалот и спортот воопшто. На први jануари официјално се отвори трансфер пазарот, преку кој инволвираните индивидуалци и прaвно регулирани тела на секој можен начин ќе се обидат преку извршување на голем број на трансакции да стигнат до посакуваната цел и притоа да остварат финансиска добивка.
 
Времето кога фудбалот беше само викенд-хоби, каде фудбалерите за своите заслуги добиваа аплауз и каде победничкиот ручек беше доживуван како златна медаља оддамна остана во аналите на спортските хроничари. Денес живееме во време каде фудбалерите се едни од најценетите спортисти и професионалци воопшто. Професијата фудбалер достигна ниво каде цената за откуп на еден професионален договор достигнува и до неколку стотици милиони евра. Фудбалот како тимски спорт во кој играле само локални играчи, се трансформираше во еден од најпрофитабилните бизниси во светски рамки.
 
Доколку пред две децении на платните списоци на фудбалските клубови фигурираа триесеттина “вработени”, денес таа бројка е неколкукратно поголема. Фудбалот се развиваше до таа мера што еден фудбалски клуб поседува свои специјализирани болници, хуманитарни организации, финансиски компании, адвокатски друштва, маркетинг компании, берзански друштва и што уште не. За да можеме да објасниме како може на еден фудбалски клуб да му бидат потребни вакви организации ќе се послужиме со еден хипотетички пример.
 
Пример: Да претпоставиме дека еден локален фудбалски клуб станува атрактивен за странски инвеститор кој сака да го купи. Многумина би се запрашале кои се мотивите на инвеститоров да ги вложи своите “макотрпно” заработени пари во клуб кој до сега функционирал колку да не се распадне. Одговорот може да го бараме единствено во финансиските извештаи. Во последно време се погласни се критиките кои ги упатуваат овластените ревизори кон финансиерите во спортските друштва. Овие критики се насочени кон финансиските трансакции преку кои се перат големи суми на пари, се прибегнува кон даночно затајување, даночна евазија, формирање на нелојална конкуренција и останите привилегии кои произлегуваат од нив. Работата станува уште поинтересна од кога купопродажбата ќе се заклучи и почнува клубот да работи под новото раководство. Тогаш доаѓа до невидена трансформација. Навивачите не можат да препознаат што се случува со нивниот омилен клуб. Од една страна се радуваат на потенцијален успех, кој е скоро секогаш правопропорционален со финансиските инвестиции, но од друга страна се сомневаат за можна теорија на заговор? Се прашуваат до кога ќе имаат меѓусебна корист?
 
Спортските фанатици ќе забележат како фудбалските клубови склучуваат голем број на договори со познати компании кои сакаат да ги брендираат нивната спортска опрема, автомобили, облека, делови од стадионите, промовирање на храна и пијалоци и др. Зголемената медиумска афирмација доведува до тоа голем број на фудбалски клубови да котираат на светските берзи и преку разни “шпекулативни напади” се обидуваат да остварат големи добивки. Друг начин преку кој фудбалските клубови го шират своето влијание е преку можноста за позајмување на фудбалери да го наметнат своето влијание врз помалите клубови кои немаат можност да склучат повеќегодишни договори. Големите и богати клубови отидоа уште еден чекор напред во однос на склучување на договори со странски играчи, кои не можат да добијат работна дозвола во матична земја на клубот, кои се испраќаат во друг клуб, во странска држава, каде важат полиберални закони. Ваквите клубови за овие услуги секако добиваат значителна финансиска инјекција и на некој начин фигурираат како нивни “оф-шор” филијали.
 
Што се однесува до самите фудбалери, во најбруталната дефиниција за модерен фудбалер како основа би можел да се вметне најстариот занает на светот. Основните вредности кои што се учеа во фудбалските училишта пред 30 тина години, денес се тотално заборавени. Лојалноста, посветеноста, солидарноста, тимскиот дух и многу други се чини како да не се потребни или уште полошо, тие да претставуваат препрека.
 
Голем број на држави токму поради огромната количина на финансиски средства, кои се поврзани со професионалните фудбалери, ги менувале и менуваат своите даночни закони, а токму даночните оптеретувања биле причина голем број на фудбалери да ги менуваат клубските бои. Кога зборуваме за даночните оптеретувања, познати се во јавноста случаи кои фудбалерите користат најразлични хуманитарни организации и донации како начин за намалување на даночната основа, секако со чест на исклучоци. Во последно време се поатрактивни се понудите што пристигаат до фудбалерите, најчесто до оние кои се наоѓаат во зенитот на својата играчка кариера, од далечните источни дестинации, а како друг феномен кој ги надминува сите граници е натурализацијата на играчи кои од различни причини се изоставени од националната селекција. На крај, една ваква анализа не може да помине, а да не се спомнат спортските обложувалници. Скоро сите вклучени во фудбалот знаат за нивното влијание врз регуларноста на резултатите, но уште поголема загриженост се упатува на нивното директно спонзорирање на дел од спортските друштва. 
 
Сепак, кога при почетокот на мечот, фудбалскиот адреналин ќе се подигне на ниво на френетичност се забораваат сите неправилности, нерегуларности и неетични однесувања и целосното навивачко внимание се насочува кон искрено очекување за целосно залагање од страна на подржуваниот тим и со нивно бодрење го катализираат  зголемување на ефикасноста и подигање на поставените цели на тимот. 
 
Дејан Јанчевски