24фудбал

Гингамп: 7.000 жители - 18.000 фанови

Ако некогаш се запрашате дали може да се формира фудбалски клуб со минимални вложувања и притоа тој да е национален куп шампион, или дали може фудбалски натпревар да го следат повеќе гледачи на трибините од вкупниот број на жители од градот од каде потекн

Колумни
Територијата каде ќе бараме одговор на горепоставените прашања е ограничена со Ламанш на север, Атлански океан на запад и со Бискајски залив на југ, или поточно Бретања. Делот од Франција, каде доминантно културно наследство оставиле Келтите, во последните години има нова фудбалска атракција. Станува збор за фудбалскиот клуб Гингамп.
 
Клубот е оформен во далечната 1912 година и низ неговата историја бележеше незначителни успеси, натпреварувајќи се најчесто во пониските по ранг натпреварувања во Франција, се до 2009 година кога го освоија купот на Франција, триумфирајки над големиот ривал Рен, и притоа станувајќи само втор клуб од понизок ранг на натпреварување со вакви одлики. Ваквиот успех на Гингамп сите го поздравија но сепак сеуште постоеше сомнеж во вистинските квалитети на тимот. И сомнежите донекаде беа во ред, се до враќањето на Гингамп во најсилната лига на Франција во 2013 година. Екипа која е составена од 26 играчи, со просечна возраст од 27,7 години и има пазарна вредност од околу 25 милиони фунти, во 2014 година повторно се искачи на престолот наменет за победниците од купот на Франција.  
 
Една од поинтересните карактеристики на овој клуб е неговата посетеност за време на домашните натпревари. Имено, стадионот на фудбалскиот клуб Гингамп има капацитет од над 18000 седишта, а градот има само 7280 жители, притоа посетеноста на скоро секој  натпревар е во рамките на полн капацитет. За да ја зголеми ваквата симболика, градските власти одлучија 7281та сезонска влезница да биде гратис. Една од навивачките групи на овој тим, наречена фармери, за мечот од финалето во 2014 кој се играше во Париз тргнаа на пат долг 480 километри, и тоа со трактори.
 
 
Што се однесува до екипата, прва карактеристика е што таа главно е составена од француски фудбалери кои или се производ на младинската школа на клубот или дошле како слободни играчи од другите француски клубови, со што финансиската страна како потенцијален фактор на успехот ја исклучуваме. Друг тренд што може да се забележи е присуството на африканските фудбалери, кои традиционално ги користат француските клубови како отскочна даска во нивната професионална кариера. Трет клучен фактор е добрата скаутинг мрежа, која  во последно време се пренасочува кон Скандинавија, од каде и потекнуваат неколку играчи во првиот тим. Со тоа клубот ги диверзифицира изворите за надополнување на ростерот на тимот, од каде традиционално најдобрите играчи заминуваат во поголемите француски клубови за значителна оштета.
 
Успехот на тимот и неговота европска афирмација се зголемија преку пласманот во групната фаза од Лигата на Европа, каде како второпласирана екипа се пласираше во наредната нокаут фаза, а таму за противник го добија секогаш незгодниот тим на Динамо Киев. Две победи над ПАОК, една над Динамо Минск, со кои одиграа и еден нерешен натпревар и два порази од Фиорентина без доволни за желбите на навивачите да се искачат уште повисоко, па можеби потајно се надеваат и на европски медал. 
 
Што се однесува до националното првенство тие се наоѓаат на делба на 12. позиција со 7 победи, 11 порази и само еден нерешен резултат. Ваквите показатели укажуваат на отворена игра и влегување на секој натпревар без калкулации. Статистиката открива уште еден детал, а тоа е дека Гингамп е една од четирите екипи на чии натпревари, во тековната сезона, бил постигнат барем еден гол, што за француски услови во последно време е вистинска реткост. Друга карактеристика што може да се открие од статистичките податоци е тоа дека менталната сила на тимот може да варира од највисоко, до најниско ниво. Имено, на 12 од 19 натпревари во тековната сезона исходот на полувреме бил клучен за конечниот резултат. 
 
Во клуб каде на “фамилијарното стебло” може да се најдат имињата на Дидие Дрогба, Винсент Кандела и Флорент Малуда може да биде само поттик повеќе за менаџерскиот тим на да продолжи за го развива клубот во насока на зголемување на неговите вредности, постигнување на подобри резултати и задржување на неверојатната посетеност на натпреварите. Се чини дека тука фразата “навивачите се 12. играч” може да добие комплетно значење.
 
Дејан Јанчевски