24фудбал

Бетмен велит: Ел Сардинеро – со Сантандер и во добро и во лошо

Во спортскиот комплекс Los Campos de Sport del Sardinero, многу блиску до познатата плажа Ел Сардинеро во Сантандер, се наоѓа стадионот на кој своите натпревари, кога во првата, кога во втората шпанска лига, ги игра тимот на Реал Расинг Клуб де Сантандер.

Колумни
Сместен во овој комплекс, на само стотина метри од стариот стадион изграден во 1913 година, новата спортска сала во градот и големиот градски парк, новиот Ел Сардинеро е домаќин на Расинг Сантандер од 20-ти август 88-та година, кога е пуштен во употреба со натпреварот меѓу Расинг и Овиедо.
 
 
Архитект на ова мало симпатично стадионче сместено во непосредна близина на прекрасниот кантабриски брег, е Хуан Хозе Аренас, човек кој предвидел стадионот да биде формиран од два трибински прстени, со еден мал куриозитет кај најголемата западна трибина, која има еден ред на вип ложи кои ги разделуваат двата прстени. Токму затоа оваа трибина е повисока од останатите, односно нејзината кровна конструкција е нешто повисока од конструкцијата на останатите делови на овој целосно покриен стадион, нешто што е особено важно за Сантандер кој во доцна есен и во зимскиот период знае да биде облеан од дождови.
 
Кога сме кај кровот, конструктивно е решен така што нема потпорни столбови кои би им го попречувале видикот на теренот на гледачите, односно од секое од 22-те илјади 124 седишта, теренот на кој игра Сантандер се гледа непречено. Седиштата се обоени во бело сина комбинација - белите се во долниот прстен, а сините во горниот - колоритно оддавајќи му почест на градот, имајќи предвид дека токму овие бои доминираат во знамето на Сантандер.
 
 
Теренот е со димензии од 105 х 68 метри, а од страничните трибини е ограден со прозирна ограда, која треба да спречи евентуално влегување на терен на оние најзагреани навивачи кои обично седат во овој дел на стадионот,а истовремено, повторно нималку да им го намали фудбалското уживање на гледачите.
 
И пред 2008-та година Ел Сардинеро има претрпено неколку минорни подобрувања и измени, а после пласманот на Расинг во УЕФА купот, управата на тимот мораше да вложи средства за да го дотера по мерка на Европската фудбалска унија, после што домот на Расинг стана уште попријатно место за следење на натпреварите на лицата со инвалидитет, како и за новинарите кои добија нова сала. Од останатите содржини, фудбалерите ги имаат сите пропратни услови за квалитетен престој, како сали за масажи, теретани и слично. Ел Сардинеро има и одличен систем за брза евакуација на гледачите во случај на незгода.
 
 
Да, стадионот, кој е во сопственост на градот, во споредба со многу постари стадиони во Шпанија е убаво спакуван, и ако ги анализираме содржините кои ги нуди, е идеален за клуб како Расинг. Во него се наоѓаат и клупските простории на тимот, како и официјалниот фан шоп. Сепак, и покрај се, му недостасува оној „WOW!“ ефект, недостаток карактеристичен за многу слични стадиони од оваа големина низ Европа, градени по стандаризирана шема во последните декади на минатиот век. Но, за тим како Расинг, тоа е веројатно сосема нормално, а Ел Сардинеро - повеќе од задоволителен...
 
Автор: Бетмен велит