24фудбал

Бетмен велит: Три во еден - Бенито Виљамарин, стадионот на Бетис

16 јули 1936 година. Во предвечерието на граѓанската војна во Шпанија, фудбалскиот тим Реал Бетис Баломпие потпишува договор со градската општина за „замена на стадиони“: градот го добива стадионот Патронато, а Бетис се сели на Хелиополис.

Колумни
После граѓанската војна, Бетис е во големи проблеми. Пет години после својата прва титула во Примера, зелено-белите паѓаат еден ранг подолу, а 9 сезони после освојувањето на најпрестижната лига на Пиринеите, Бетис се наоѓа во третата шпанска лига, каде ќе остане 7 години кои ќе ги заокружи со куриозитетот кој вели: Реал Бетис е првиот тим во Шпанија кој ги освоил титулите и во првата и во втората и во третата лига. Претседателот Мануел Руиз Родригез е најзаслужниот за враќањето на Бетис во Сегунда, а од таму клубот го презема човекот чие име стои и денес како наслов на стадионот на тимот: Бенито Виљамарин.
 
 
Тој го враќа тимот во Примера, а Хелиополис си бара освежување 30 години откако е направен. Во текот на наредните 20-тина години, стадионот, кој е веќе преименуван во чест на претседателот Виљамарин, во неколку наврати се реновира, за во 1977 година, на веќе заокружениот едно-прстенски трибински простор да му се додаде тераса на западната трибина која е целосно покриена.
 
 
Две години подоцна, источната трибина е срушена и на нејзиното место е изградена нова. Во 81-та година уште еден прстен и покрив се додадени на истокот, а на запад меѓу горниот и долниот прстен, изграден е амфитеатар во пресрет на СП во 1982 година кое се одигра во Шпанија.
 
 
На почетокот на 90-тите години во спас на резултатски никогаш стабилниот тим доаѓа Мануел Руиз де Лопера, кој меѓу другото успева да ги убеди членовите на бордот на директори дека Бенито Виљамарин не е соодветен, ниту како стадион, ниту како име на стадион, па носи план за реизградба на стадионот кој ќе го носи неговото име. 
 
 
За почеток, срушени се северната и источната трибина и изградена е нова, на овие две страни од стадионот. 10 години подоцна, кога работите остануваат на статус кво и стадионот е само блед споменик на егото на Мануел Руиз де Лопера, навивачите изгласуваат повторно враќање на старото име и Бенито Виљамарин е повторно насловот на домашното буниште на тимот од Севиља. За жал, кога е естетиката во прашање, оваа верзија на Естадио Бенито Виљамарин со димензии од 105х68 метри и капацитет од 52,745 гледачи, е ужасна. 
 
 
Зошто? Стадионот е фактички синтезен комплекс на три стадиони кои егзистирале на тој простор во минатото. Да, вистина е дека насекаде низ светот постојат стадиони кои биле градени трибина по трибина, но дали некој стадион предизвикува толкав контраст како Бенито Виљамарин? За споредба, имајте предвид како се градеше нашиот Градски стадион, алијас Филип 2 Арената. Ако ги анализираме засебно трибините, не може да се каже дека се лоши, но споени во едно цело делуваат како дело на архитект од фамилијата на Др. Франкештајн. И за тоа е виновен само Лопера, кој ја запре целосната реконструкција на стадионот со која Бетис ќе го имаше андалузискиот бисер кога се во прашање спортските комплекси. Вака, половично реконструираниот стадион е добар за аналогија со спортските успеси на Реал Бетис Баломпие – навивачите никогаш не може да се на чисто дали тимот ќе игра одлично во првата или лошо во втората шпанска лига.
 
Автор: Бетмен велит