24фудбал

Бетмен велит: Kамп Ноу vs. Бернабеу – Споменици на клупската политика

По правило, секој нов претседател и на Барселона и на Реал Мадрид во својата изборна програма има дел кој го третира и стадионот на тимот, односно плановите околу неговата можна реконструкција, проширување или можеби дислокација.

Колумни
И, секој проблематиката ја третира зависно од политиката на клубот, односно потребите на посетителите, кои „на терен“ се лесно согледливи, особено за оние кои знаат барем малку за историската тенденција за развој на двата клуба: Барса гради мит околу Каталонизмот, Реал Мадрид се фокусира на гламурозната постеризација на својот имиџ. 
 
Па така, во Каталонија во 2003-та година кога на „власт“ во Барса дојде Жоан Лапорта, полека, срамежливо започна да се најавува еден проект за реконструкција на стадионот на Барселона, чиј голем недостаток е отсуството на покрив над северната, јужната и источната трибина. По повод 50-годишнината од изградбата на Камп Ноу, беше распишан меѓународен тендер на кој победи идејното решение на Сер Норман Фостер, познатиот британски архитект, со кое се предвидуваше стадионот да добие целосно нова фасада и покрив со кој ќе бидат покриени минимум половина од, според проектот на Фостер, 106-те илјади седишта на Камп Ноу. Дизајнот на фасадата беше инспириран од орнаментиката на каталонската икона, архитектот Антони Гауди, и боите на Каталонија и Барса, со што овој монумент на каталонизмот, како единствено место на кое можел да се зборува каталонскиот јазик во времето на Франко, ќе го зацврстеше својот историски статус на „повеќе од стадион“.
 
 
Меѓутоа, поради цената на целиот проект (250 милиони фунти) Лапорта тогаш планираше клубот да го продаде Мини Естади, малиот стадион на кој денес играат фудбалерите на Барса Б, како и женската фудбалска екипа на Барса. Условите на пазарот се сменија исто како и човекот на раководната функција во тимот, цената на недвижнините падна, а пристигна финансиската криза, и овој проект беше ставен на пауза. Со доаѓањето на Сандро Росељ на местото на Лапорта во 2010 година, проектот за реновирање на Камп Ноу дефинитивно беше ставен на полицата на која стојат проектите со етикета „за некои подобри времиња, особено затоа што Росељ не сака да продава од „дијамантите на круната“, како што е Мини Естади.
 

 

 
Во Кастиља, работите се поинакви. Бернабеу веќе има еден прекрасен архитектонски лик кој ги задоволува основните потреби на посетителите, но плановите на раководството на Реал Мадрид се долгорочни. 
 
Па така, минатото лето беше објавена информацијата дека Генералното собрание на клубот го одобрило планот за едно посериозно „козметичко средување“ на стадионот со кое ќе добие целосно нова фасада и комплетно покриени трибини. Меѓу конкурсните решенија се појави и план за комплетно покривање на теренот на Бернабеу, но поверојатно е дека Перез ќе се одлучи за задржување на препознатливата фина архитектонска линија на Бернабеу, која во реконструирањето треба да е поткрепена со илјадници неонски светла кои радикално ќе ја променат визуелната перцепција на стадионот, која ќе се доближи до имиџот кој Реал Мадрид го гради со години, а Флорентино го катализира од првото негово стапнување во шефовската канцеларија на Бернабеу. 
 
 
Во духот на оваа „Лос Галактикос“ реконструкција на стадионот, кој патем, учествува со високи 25% во буџетот на Реал Мадрид секоја година oд продажбата на билети и други услуги, долгорочно околу него се планира изградбата на уште неколку содржини со модерен архитектонски израз кои домот на Реал Мадрид ќе го претворат во мало светилиште за секој архитект во светот.
 

 

 
Перез оди дотаму што дури планира и изградба на хотел со пет ѕвезди во рамките на стадионот, во кој ќе може да се издаваат апартмани со поглед на теренот – нешто што не е воопшто чудно во најмодерните стадиони во Америка и Англија.
 
Автор: Бетмен велит