24фудбал

Колку години има Ренато Санчез, 18 или 24?

Поранешниот француски тренер, Ги Ру тврди дека новата португалска ѕвезда Ренато Санчез е многу постар од тоа што се претставува.

ЕУРО 2016

Пред стартот на Европското првенство Ренато Санчез потпиша за Баерн Минхен за сума од 35 милиони евра плус бонуси.

Санчез важи за еден од најголемите таленти, некои сметаат дека по Кристијано Роналдо тој е најнадежниот Португалец. Дека ќе биде голем фудбалер покажува и на Европското првенство.

Но колку години има Ренато Санчез, 18 или 24 како што вели поранешниот тренер на Оксер, Ги Ру.

„Тој вели дека има 18 години, но мислам дека треба да погледнеме во минатото. Неговата дата на раѓање е внесена неколку години откако бил роден, па не е точна. Ве уверувам дека тој има 23 или 24“ - вели Ги Ру.

Националниот португалски весник „Жорнал де Нотисиас“ истражувал на темата и точно е тврдењето на Ги Ру дека играчот бил регистриран неколку години подоцна откако се родил, но не е точно дека е постар од 18.

Официјалната дата на раѓање на Ренато Санчез е 18. август 1997 година, но бил регистриран во 2002 година. Неговите родители се развеле брзо по неговото раѓање. Татко му отишил во Франција, пет години подоцна се вратил и тогаш го регистрирал, но со вистинскиот датум кога бил роден, 18.08.1997.

Околу години на Ренато Санчез се сомневаше и претседателот на Спортинг, Бруно де Карваљо, но самиот фудбалер ги негираше ваквите тврдења.

„Не е се убаво во фудбалот. Има луѓе кои те сакаат и други кои не те сакаат. Јас пораснав во Португалија, поминав 10 години во Бенфика, како може да имам 25 години? Нема никаква логика во она што го зборуваат луѓето“ - изјави Ренато Санчез.

Се чини дека е во право, логиката е на страната на фудбалерот, тој од најмали години е во Бенфика, па доколку бил постар сигурно многу порано ќе се промовирал во првиот тим на португалскиот клуб.