24фудбал

Португалија е првиот финалист на ЕП, Роналдо е херојот на својата земја! (ВИДЕО)

Португалија со 2-0 го победи Велс и се пласира во големото финале на Европското првенство, Кристијано Роналдо со гол и асистенција беше главниот играч на Португалците.

ЕУРО 2016

Португалија конечно победи натпревар во регуларните 90 минути, беше подобар противник од Велс и сосема заслужено ќе се бори за големиот пехар од Европското првенство.

Велс немаше сили за нов подвиг, се чувствуваше отсуството на Арон Ремзи во тимот, главниот креатор на играта на Велшаните.

Првиот дел помина речиси без ниту едно возбудување, пред одморот Роналдо имаше една можност но биеше над голот.

Но второто полувреме стартуваше возбудливо, во 50. минута по центаршут на Гуереиро, Кристијано Роналдо биеше одлично со глава и погоди за водство на Португалија од 1-0.

Само три минути подоцна, Роналдо асистира до Нани кој го зголемува водството на Португалија на 2-0.

Велс јалово се обидуваше да се врати во игра, главно преку индивидуални обиди од далечина на Герет Бејл, но сите топки беа лесен плен за Руи Партисио.

Португалија беше поблиску до уште поубедлива победа, но Роналдо, Жоао Марио и Переира не ги реализираа своите шанси.

На крајот Португалците заслужено се радуваа на влезот во големото финале, а Велс можат да бидат горди на големиот успех, пласманот меѓу четирите најдобри на Европското првенство.

Португалија во финалето ќе игра со подобриот од утрешниот дуел помеѓу Франција и Германија.