24фудбал

Бетмен велит: Флорентино Перез – градителот на мадридскиот сјај

За некои, тој го уништува фудбалот. За други, човекот сосема легитимно си ги троши заработените и ги менаџира клупските пари. Кој е Флорентино Перез, авторот на модерните „галактичари“ во бела боја, претседателот на мадридски Реал?

Колумни
Се појави на големата сцена во 2000-тата година и го започна проектот Лос Галактикос, со шокантниот трансфер на еден португалски фудбалер од редовите на Барса во редовите на Реал. Наредните години им ги визираше мадридските визи и на Зинедин Зидан, Роналдо (оригиналниот) и Дејвид Бекам, меѓу многуте други фудбалери кои ги потпишал, константно рушејќи го сопствениот рекорд за највисока сума која била платена за еден фудбалски трансфер.
 
 
Многумина тогаш се запрашаа: кој е овој господин со длабок џеб, кој не штеди кога е во прашање блескавиот имиџ на Реал Мадрид?
 
Флорентино Перез е роден во Мадрид во 1947 година, а само четири години подоцна со својот татко за прв пат посетил натпревар на Чамартин, кога претседател на Реал бил легендарниот Сантјаго Бернабеу. И токму првите контакти со Реал во кој во тоа време играат Алфредо Ди Стефано, Пушкаш и Хенто, ја трасираат неговата визија од првиот момент кога овој градежен инженер ја посакал водечката функција во клубот: Реал Мадрид за него е тимот во кој секогаш треба да играат најдобрите фудбалери кои светот има да ги понуди.
 
 
Успешниот бизнис кој Флорентино го развива од раните 80-ти години, а денес се вика „АЦС“ - најголемата градежна компанија во Шпанија и една од најголемите во Европа, е позадината која го овозможува функционирањето на овој модел на Лос Галактикос, од некои критичари нарекуван и „финансиски допинг“, а самиот Флорентино ставен на тапет како еден од луѓето кои ја уништуваат фудбалската игра со своите пари.
 
 
Но, изградбата на имиџот на Реал, како и на половина Шпанија, под директната раководна палка на Перез не застанува. Па така, 7-миот најбогат човек во Шпанија според листата на Форбс на која на првите две позиции се челниците на „Зара“ и „Манго“, не се мисли многу кога треба да се издвојат и 94 милиони евра ако со нив се плати Кристијано Роналдо, пари кои Флорентино знае да ги наплати .
 
 
Компанијата на овој екс-политичар и дипломец од Политехничкиот универзитет во Мадрид изградила објекти кои се едни од најпрепознатливите во цела Шпанија, како Торе Агбар на Жан Нувел во Барселона, Палатата на уметноста во Валенсија дизајнирана од Сантјаго Калатрава, и двата највисоки објекти во Шпанија, сместени во престолнината: вицешампионската кристална кула и 250 метри високата зграда на Каха Мадрид, проектирана од ни помалку ни повеќе, Лорд Норман Фостер. 
 
 
Затоа, помалку и природно доаѓа желбата на Флорентино да му даде нов лик на „Бернабеу“, комплетно да го реновира тренинг центарот Валдебебас каде што ќе се позиционира и „Ла Мазија“ на мадриѓаните, а веднаш до него да изгради и забавен парк а-ла дизниленд, тематски посветен на Реал Мадрид. 
 
 
Или во превод: каква рецесија, каква криза. Реал Мадрид и АЦС со Флорентино на чело, „мува не ги лази“. А по се изгледа, и „важните“ трофеи се повторно на патот кон главниот град.
 
Автор: Бетмен велит