24фудбал

Интер со двајца играчи повеќе трепереше до финишот но конечно се израдува на победа (ВИДЕО)

„Нероаѕурите“ по два ипол месеци стигнаа до победа во Серија А, попладнево Интер со 2-1 славеше над Болоња

Италија

Резултатската криза на Интер заврши, избраниците на Спалети конечно се радуваа на победа. Последен пат „Нероаѕурите“ цел плен во Серија А освоија на почетокот од декември.

Попладнево против Болоња, Интер трепереше до последните мигови и покрај тоа што имаше двајца играчи повеќе, но веројатно тоа брзо ќе се заборави поради победата која толку очајно беше посакувана.

Резултатот беше отворен веќе во 2. минута. Едер на асистенција на Брозовиќ донесе предност за Интер од 1-0. Но Болоња се врати во 25. минута. Миранда направи голем кикс а Паласио погодои за 1-1.

„Нероаѕурите“ се вратија во водство во 63. минута, Карамох со соло акција и прекрасен шут од далечина донесе 2-1.

Гостите потоа останаа со играч помалку, Мбаје заработи втор жолт картон и исклучување. Во судиското надополнување и Масина беше исклучен, па гостите мечот го завршија со двајца играчи помалку.

И покрај бројчаната предност, Интер не успеа предвреме да го реши победникот па поучени од претходните натпревари, срцата на навивачите трепера до последниот свиреж на судијата.