24фудбал

Иниеста си тера бизнис со трансферот во Кина, новиот клуб ќе го откупува виното на Шпанецот во следните 10 години!

Медиумите од Шпанија пишуваат дека фудбалот не е единствената причина за преселба на Андрес Иниеста во Кина, ѕвездата на Барса ќе го шири својот бизнис и продажбата на вино на Далечниот Исток

Шпанија

По дуелот со Валенсија, Андрес Иниеста соопшти дека донел одлука за сопствената иднина и следниот чекор ќе го соопшти до крајот на месецот.

Фудбалерот од средниот ред дефинитивно заминува од Камп Ноу, за ова веќе ги известил лидерите на клубот како и соиграчите од соблекувалната.

Андрес Иниеста во моментов го крие името на неговиот следен клуб и само малкумина знаат каде тој ќе заврши, но сите молчат поради клаузула за доверливост. Четири клубови од Кина доставиле понуда, и се верува дека Тианџин Кванџиан е тој кој ќе ја добие битката за потписот на Шпанецот.

Се говори дека играчот ќе стави потпис на три годишен договор и ќе има плата помеѓу 25 и 30 милиони евра по сезона.

Новата авантура во кариерата ќе му помогне на Андрес Иниеста да го прошири својот бизнис, односно продажбата на вино. Фудбалерот во родната Фуентеалбиља има винарија, и според пишувањата на Марка, планот е следната година да се извезат 2 милиони шишиња вино во Кина.

АС пак пишува дека новиот клуб на Андрес Иниеста ќе превземе одговорност да го откупи ова вино и тоа во следните 10 години, а присуството на играчот во најсилното првенство на Кина ќе послужи за промоција.