24фудбал

Арсенал играше речиси цел меч со играч повеќе и не го победи Атлетико Мадрид (ВИДЕО)

Арсенал имаше идеална шанса да забележи убава победа над Атлетико Мадрид, играше на својот терен повеќе од 80 минути со играч повеќе но одигра само 1-1, Марсеј со 2-0 го совлада Салцбург.

Лига Европа

Арсенал не успеа да ја искористи предноста на домашен терен иако Атлетико Мадрид повеќе од 80 минути играше десет фудбалери.

Натпреварот не почна најдобро за Атлетико Мадрид, Врсаљко доби по еден жолт картон во втората и десетата минута по што шпанскиот тим остана со фудбалер помалку.

Брзо потоа и Диего Симеоне беше испратен на трибините откако жестотко реагираше на една судиска одлука.

Арсенал напаѓаше обидувајќи се да ја искористи играчката надмоќ на теренот, но фудбалерите на Атлетико Мадрид имаат страшна физичка подготвеност па добро се носеа.

Јан Облак конечно беше совладан во 61. минута кога по убав центаршит на Вилшер, Лаказет погоди со глава за водство на Арсенал од 1-0.

По постигнатиот гол Арсенал бараше втор погодок, Атлетико Мадрид продолжи да се брани. Но во 81. минута една катастрофална интервенција на Косиелни му овозможи на Гризман одлична шанса а тој не ја пропушти, погоди за 1-1.

До крајот Арсенал напаѓаше обидувајќи се да го врати водството, имаше и еден прекрасен обид на Ремзи со глава, но Облак уште подобро одбрани и не дозволи неговата мрежа да се тресе уште еднаш.

Интересно, на овој напревар Арсен Венгер не направи ниту една замена.

Арсенал може да жали што не успеа да победи иако настаните на теренот се одвиваа во негова полза, Атлетико Мадрид е голем фаворит во реваншот.

Предноста на домашен терен ја искористи Марсеј кој со 2-0 го совлада тимот на Салцбург.

Таувин во 15. и Нжие во 63. минута беа стрелците на погодоците за Марсеј кој со убав резултат ќе патува на гостувањето во Австрија.