24фудбал

Го симнале од автобус на бензиска за да игра со првиот тим, на крајот даде гол и ја водеше прославата со навивачите (ВИДЕО И ФОТО)

Приказна како од Холивуд пристигнува од Бундеслигата, фудбалот уште еднаш покажува како може да промени нечиј живот а херој на неделата и младиот играч на Маинц, Боте Баку

Германија

Доколку изминатиов викенд на интернет прелистувачите пишевте „Баку“, најдобрите резултати од пребарувањето даваа информации за Формула 1 трката во Азербејџан.

Но доцна попладнето, покрај вестите за победата на Луис Хамилтон се појави и фудбалскиот клуб Маинц, поточно играчот Боте Баку. Причина за ова е приказната како од Холивуд која ја искуси 20 годишниот фудбалер од средниот ред, кој сигурно ни во најлудите соништа не помислувал на ова.

Во неделата наутро, тој со останатите играчи од младинскиот тим на Маинц се качил во автобус и тргнал на пат за Фрајбург. Но на сред пат го симнале од автобус на бензиска бидејќи дошла наредба да биде прекомандуван во првиот тим. Со автомобил Боте Баку веднаш бил вратен во Маинц, набризина бил брифиран од тренерот Сандро Шварц и „фрлен во оган“ – фудбалерот е стартер и дебитира во Бундеслигата против РБ Лајпциг.


Боте Баку има одличен натпревар, ја добива битката на средината од теренот со противниците, поточно со Наби Кеита, кој летоска се сели во Ливерпул за 60 милиони евра. Неговото одлично издание е крунисано во 90. минута, кога тој постигнува гол за конечни 3-0 и три важни бода со кои Маинц го напушти местото на табелата кое носи бараж за опстанок.

По последниот свиреж на судијата, ултрас навивачите го канат Боте Баку на трибина, и младиот фудбалер ја водеше прославата. Баку помеѓу соиграчите всушност е познат како Ридле, а не како Боте. Неговиот татко бил голем фан на легендата Карл Хајнц Ридле, па уште како мал почнал да го вика така.