24фудбал

Роналдо и уште неколку ѕвезди ќе добијат „клоца“ доколку Гути стане тренер на Реал?!

Според пишувањата на медиумите од Шпанија, на Сантијаго Бернабеу ќе се случи голема чистка доколку Гути биде избран за наследник на Зинедин Зидан

Шпанија

„Кралевите“ се уште се во потрага на нов тренер откако Зинедин Зидан на големо изненадување си поднесе оставка. Маурисио Покетино беше идентификуван како прва желба, но Реал се откажа поради комплексните и тешки преговори со Тотенхем, или поточно првиот човек Даниел Леви.

Јирген Клоп исто така беше споменат како сериозна опција, но и Германецот е недопирлив и Ливерпул не помислува да се раздели со стратегот. Масимо Алегри, Антонио Конте и Арсен Венгер беа дел од шекулациите на медиумите, а како алтернатива во последно време се почесто се споменува и името на Гути.

Според пишувањата на Диарио Гол, доколку поранешниот играч на Реал седне на тренерското столче, ќе има голема чистка на Сантијаго Бернабеу, а „клоца“ ќе добијат Кристијано Роналдо и уште неколку ѕвезди.

Според оваа сторија, Гути смета дека циклусот на ЦР7 во Реал е на самиот крај и една од неопходните промени на тимот е негово заминување. Тој не сака лидер на екипата да биде фудбалер кој треба да одмара многу често. Изборот на Гути за нова прва ѕвезда е Марко Асенсио, за кого верува дека има материјал да биде следниот освојувач на „Златната Топка“.

Гути нема да смета и на Карим Бензема, за кого во едно интервју рече: „доколку го свират Бензема на Бернабеу тогаш сигурно има причина за ова“.

Шпанецот исто така мисли дека одбројани се и деновите на Лука Модриќ, и потребно е што поскоро да се донесе замена за Хрватот кој ќе наполни 33 години во септември и во иднина нема да може да напаѓа и да помага во одбраната на секој натпревар.

Во плановите на Гути нема место ниту за Рафел Варан, кој знае да одигра еден натпревар добро, но да биде лош на следните три и да направи грешка во клучен момент. Тој не планира да му даде нови шанси за докажување на Французинот и доколку пристигне примамлива понуда, без двоумење ќе го продаде.

Под знак прашалник ќе биде ставена и иднината на Марсело, Навас и Бејл. Гути ќе бара замена за Бразилецот и веднаш штом пристигне нов играч, левиот бек ќе се пресели на клупата. Истото важи за Навас, Гути преферира ангажман на Давид де Хеа и Тибо Куртоа. Што се однесува пак до Герет Бејл, Реал е подготвен да го продаде доколку пристигне добра понуда, но доколку тоа не се случи, Гути верува дека може да го извади најдоброто од Велшанецот и да му ја врати кариерата на прав пат.

Колку е остварливо едно вакво сценарио останува да се види. Диарио гол е медиум познат по сензационални вести кои треба да се земат со голема доза на резерва.