24фудбал

Бабунски: Почнуваме нов проект

Вардар денеска ги почна подготовките за новата сезона, под „палката“ на Бобан Бабунски беше одржан првиот тренинг на еден сосема поинаков тим од тој ланскиот кој се пласираше во групната фаза од Лига Европа.

Македонија

Вардарци ги запалија моторите, почнаа подготовките за новата сезона, први на ред ќе дојдат квалификациите за Лига Европа, а потоа домашното првенство.

„Би сакал најпрво да се заблагодарам на дадената доберба да ја водам екипата, се надевам дека со целокупниот стручен штаб ќе ја оправдаме. Ова е почеток на нов проект. Заврши една убава приказна за Вардар, би сакал да им честитам на сите, иако неколку не продолжија со овој тим. Дојде и тој момент да се почне еден нов проект, и ја прифаќаме таа одговорност. Треба да ги вратиме резултатите и знаеме што сакаме. Имаме цел и стратегија, се надевам ќе успееме во тоа. Вардар во изминатите години освојуваше титули, се претстави добро и на европско ниво, тоа е нашиот план и понатаму“, изјави Бабунски. 

„Играчите кои останаа се млади, но со една година поголемо искуство. Во наредниот нов проект се надевам ќе го покажат тоа и дека ќе бидеме конкурентни во однос на другите екипи“.

Запрашан дали има некоја посебна желба во ждрепката за квалификациите од ЛЕ која ќе се одржи на 20. јуни Бабунски одговори:

„Искрено, не размислуваме кој ќе ни падне на ждрепката. За тоа ќе разговараме кога ќе го добиеме противникот, и ќе се потрудиме да ја спроведеме нашата стратегија и игра. Вардар има секогаш цел – што подалеку да дојдеме до Европа и да бидеме што подобри во првенството и Купот. Сакаме да направиме игра која е привлечна за публиката со која ќе ги вратие гледачите на трибините“.

Вардаровите играчи до среда ќе работат во Скопје, а во четврток експедицијата на „црвено-црните“ заминува во Словенија. Во местото Зрече Вардарци ќе останат до 1. јули, и таму ќе одиграат седум контролни натпревари против Шампион Целје (17.06), Домжале (20.06), Марибор (21.06), Оренбург (25.06), Балзан (26.06), Херманштад (29.06) и Целје (30.06).