24фудбал

Шкупи може до спектакл уште во првото коло од Лига Европа, Вардар и Работнички носители во своите групи

Македонските овосезонски претставници во европските натпреварувања во очекување на своите противници во квалификациите, Чаирчани можат до мега пресметка.

Македонија

Утре нашиот првак Шкендија ќе го дознае својот противник во првото коло од квалификациите за Лигата на шампионите, а исто така ќе го дознае и противникот во втората рунда, доколку ја мине првата.

Што се однесува пак до нашите претставници во квалификациите за Лига Европа, вицепрвакот на Македонија, Вардар како носител може да ги добие Пјуник (Ерменија), потоа Зира Балти (Молдавија), Колерејн (С. Ирска), Дери Сити (Ирска) или победникот од претквалификациското коло помеѓу екипите на Б36 Торшаун (Фарски Острови) и Сент Џозеф (Гибралтар). Црвено-црните се носители во групата „4“ каде покрај нив, носители се уште и Горбик од Полска, Динамо Минск од Белорусија, Спартак Суботица од Србија, односно Титоград од Црна Гора.

Работнички исто така е еден од носителите, но во групата „7“, заедно со Партизан од Србија, Слован Братислава од Словачка, Кешла од Азербејџан и ЦСКА Софија од Бугарија. Можни противници за Романтичарите се Милсами Орхеи од Молдавија, Рудар Пљевља од Црна Гора, Рига од Летонија, Хонвед од Унгарија, како и Балзан од Малта.

Шкупи може до спектакл доколку го добие славниот Глазгов Ренџерс, а Чаирчани се неносители во групата „2“ каде освен шкотскиот клуб, потенцијални противници се Домжале од Словенија, на нашите Агим Ибраими и Зени Хусмани, Габала од Азербејџан, Динамо Тбилиси од Грузија, како и Аполон Лимасол од Кипар. Освен Шкупи, неносители во оваа група се уште и Прогрес Ниедеркорн од Луксембург, Широки Бријег од БиХ, Стумрас од Летонија, како и Дунајска Стреда од Словачка.

Нашите претставници во квалификациите од Лига Европа своите противници ќе ги дознаат на ждрепката во Нион која ќе се одржи во среда со почеток од 13 часот, а нашиот првак Шкендија својот потенцијален противник во првото, односно второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите ќе го дознае утре со почеток од 12 часот.

Тетовските црвено-црни се неносители на ждрепката, а нивните потенцијални противници проследете ги – ТУКА.


Фото-вест: F.C. Shkupi (Facebook)