24фудбал

Нејмар ги објасни солзите по победата над Костарика и остро порача: И папагалот знае да зборува, но....

Нејмар се огласи на социјалните мрежи по голот со кој ја запечати победата на Бразил во дуелот со Костарика, напаѓачот вели дека плачел од радост и испрати порака до критичарите

СП 2018

Првата ѕвезда на „Кариоките“ имаше бледа партија на отварањето против Швајцарија, па се најде на удар на медиумите и јавноста. Тој сепак го подигна нивото против Костарика и со гол во судиското надополнување ја запечати победата на Бразил.

По погодокот, Нејмар падна на колена и почна да плаче. Фудбалерот на ПСЖ не разговараше со медиумите, но затоа се огласи на социјалните мрежи.

„Ретко кој знае низ што се поминав за да бидам тука. Лесно е да се критикува и зборува, дури и папагалот може да зборува, но да се направи нешто... малкумина го можат тоа! Солзите беа радосници, поради тоа што ги надминав сите пречки, поради желбата и волјата за победа. Никогаш во животот работите не сум ги добивал лесно, па зошто тоа би се променило сега, нели!!!. Сонот продолжува, сон кој е... мисија. Честитки до момците, вие сте најдобри“ - гласеше пораката на Инстаграм.