24фудбал

Далиќ по некоректниот гест на Сампаоли: Тој не може да биде голем тренер

Селекторот на Аргентина заборави, или немаше храброст да го испочитува противникот во услови на пораз на неговата екипа, реакција на Далиќ по гестот на Сампаоли.

СП 2018

Аргентина се соочува со големи проблеми во пресрет на последното коло од групната фаза на Светското првенство каде влегува само со еден освоен бод, и тоа од дуелот со Исланд, откако завчера забележа убедлив пораз од 0-3 од Хрватска.

Хорхе Сампаоли е на удар на аргентинската јавност, а и пошироко, неговиот тим игра под нивото, а очигледно дека селекторот на Гаучосите заборави и на една мошне важна работа од фудбалските натпревари, да му честиташ на противникот и кога ќе загубиш.

На оваа тема проговори хрватскиот селектор Златко Далиќ кој откри дека Сампаоли не се поздравил со него по крајот на мечот, а на ова тој додаде дека селекторот на Гаучосите не може да биде голем тренер по еден ваков гест.

Човек да загуби, и да не се поздрави... Тоа никогаш не сум го направил, никогаш не сум си заминал од теренот а да не се поздравам со противникот, и да сум загубил, и да сум победил, никогаш. Во пресрет на мечот му подарив дрес од Хрватска и сега ми е мило што ќе му остане тој подарок како спомен. Морате да бидете достоинствен и да честитате, без оглед на тоа што се случило. Тој не ми честиташе и падна во моите очи, тој не може да биде голем тренер“ рече Далиќ.