24фудбал

Емотивно писмо на Кристијано Роналдо до Реал Мадрид: Решив да заминам, но...

Кристијано Роналдо со писмо потврди дека тој одлучил да замине, им се заблагодари на сите во Реал Мадрид и рече дека дресот, грбот на клубот и Сантијаго Бернабеу секогаш ќе ги чувствува како свои каде и да биде.

Шпанија

Кристијано Роналдо по девет години го напушти Реал Мадрид, од денеска и официјално тој не е фудбалер на кралскиот клуб каде го помина главниот дел од кариерата. Португалецот со многу емоции се збогува со сите во клубот и потврди дека на негово барање се случува трансферот во Јувентус.

„Овие години поминати во Реал Мадрид и во градот Мадрид за мене веројатно беа најсреќните во мојот живот“.

„Имам само чувства на огромна благодарност за овој клуб, за овие навивачи, за овој град. Можам само да им се заблагодарам на сите за љубовта и вниманието кои ги добив“.

„Како и да е, верувам дека дојде време да отворам ново поглавје во мојот живот и токму затоа побарав од клубот да ми овозможи трансфер. Се чувствувам така и барам од сите, особено од нашите навивачи да ме разберат“.

„Тие беа апсолутно прекрасни сите овие девет години. Девет посебни години. Тоа беше возбудлив период за мене, но исто така и тежок бидејќи очекувањата во Реал Мадрид се на многу високо ниво, но многу добро знам дека никогаш нема да заборавам дека уживав играјќи фудбал тука на посебен начин“.

„Имав прекрасни соиграчи на теренот и во соблекувалната, ја чувствував топлината на невројатната публика и заедно освоивме три титули во Лигата на шампионите по ред и четири титули во пет години. И со нив исто така бев успешен на индивидуално ниво, имав задоволство да освојам четири Златни топки и три Златни копачки во овој период играјќи за овој исклучителен клуб“.

„Реал Мадрид ми го освои срцето на мене и на мојата фамилија, и затоа повеќе од било кога сакам да ви се заблагодарам, на клубот, на претседателот, директорите, моите колеги, сите техничари, доктори, физиотерапевти и неверојатните работници кои правеа да функционира се како што треба грижејќи се за секој детал“.

„Уште еднаш им благодарам бескрајно на нашите навивачи и на шпанскиот фудбал. За време на овие девет возбудливи години имав големите фудбалери пред мене. Моја голем почит за сите нив“.

„Долго размислував и знам дека дојде времето за нов циклус. Заминувам но овој дрес, овој грб и Сантијаго Бернабеу секогаш ќе ги чувствувам како свои без разлика каде сум“.

„Ви благодарам на сите и се разбира, како што и реков првиот пат на овој стадион пред девет години: Хала Мадрид!“, стои во писмото на Роналдо.