24фудбал

Роналдоманија во Торино, падна онлајн продавницата на Јуве, а снема и букви и бројки за дресовите на ЦР7

Трансферот на Кристијано Роналдо во Јувентус предизвика лудило помеѓу навивачите на „Старата Дама“ се бара дрес повеќе со презимето на Португалецот и бројот 7

Италија

По десетина дена силни шпекулации, вчера пристигна официјална потврда за историскиот трансфер на Кристијано Роналдо во Јувентус. Португалецот предизвика вистинско лудило кај фановите, кои вчера побрзаа веднаш да го нарачаат дресот од онлајн продавницата на „Старата Дама“.

Големиот интерес предизвика онлајн продавницата (store.juventus.com) синоќа да падне и да се појави пораката: „Се извинуваме, серверите во моментов се преоптоварени“. Онлајн продавницата е недостапна и во моментов, стои само порака дека се прават напори таа што поскоро да се врати во функција.

Пред да се случат проблемите, на располагање на фановите им беа понудени четири верзии на дресот: детски (84.95 евра), женски (94.95 евра), машки реплика (104.95 евра) и машки автентичен (144.95 евра).

Фановите денеска ја „нападна“ и официјалната продавница на Јувентус во Торино. Според „Калчомеркато“, големата побарувачка придонела веќе да се потрошат сите резерви од букви за презимето на Роналдо и бројот 7. Па се до утре, невозможно е да се купи дрес од Роналдо.

Слично е и во продавницата на Јувентус во Милано, дури 90% од фановите кои купуваат дрес, го одбираат презимето на Роналдо и бројот 7.