24фудбал

Ова се премиите кои ќе ги добијат Коцкестите за големиот успех

Хрватските репрезентативци ќе поделат премија од својата земја, истите се веќе одредени, посебна премија ќе има селекторот Далиќ, а исто и целиот останат стручен штаб на тимот.

СП 2018

Четата на Златко Далиќ предводена од Лука Модриќ веројатно беше најпријатното изненадување на мундијалот во Русија и ги освои срцата на неутралните фанови. Покрај тоа што одлично ја промовираа својата земја и ја кренаа целата нација на нозе, „Ватрените“ ја наполнија и касата на федерацијата.

Со тоа што завршија како вицешампиони, Хрватите ќе добијат парична награда од ФИФА од околу 28 милиони долари. Дел од овие пари ќе завршат во џебот на фудбалерите, селекторот Златко Далиќ и лицата од стручниот персонал.

Давор Шукер неодамна истакна дека никогаш не се говорело за конкретни бројки, но според пишувањата на медиумите, ФФХ и фудбалерите се договориле дека наградниот фонд од ФИФА ќе го делат 60-40. Тоа значи дека федерацијата ќе добие околу 16,8 милиони долари, а експедицијата на „Коцкестите“ ќе подли 11.2 милиони долари.

Симболична сума на пари „Ватрените“ ќе добијат и од Владата на Хрватска, која уште во декември минатата година донесе одлука. Според таа одлука, за секој хрватски фудбалер ќе бидат издвоени по 70.000 хрватски куни, а за селекторот 60.000, што во евра би значело дека фудбалерите ќе добијат по околу 9.500 евра, а селекторот нешто повеќе од 8.000 евра. Сите останати од стручниот штаб на Коцкестите ќе поделат награда од 96.000 куни, околу 13.000 евра.