24фудбал

Јувентус го презентираше Роналдо, ЦР7 откри кога почнува со тренинзи и кога ќе го видиме во дресот на „Бјанконерите“

„Старата Дама“ го промовираше Кристијано Роналдо како ново засилување, ЦР7 вели дека е среќен со новата авантура, најави дека почнува со тренинг на 30. јули и целта е да настапи во првото коло од Серија А

Италија

Преку 200 новинари се појавија во прес центарот на „Алианц“ Стадионот за презентацијата на Кристијано Роналдо во Јувентус. Португалецот ја објасни својата одлука, кажа што очекува од новата авантура и исткна дека има желба да се појави во дресот на „Бјанконерите“ веќе во првото коло од Серија А.

„Одлуката не беше едноставна, но со оглед на тоа колку е моќен Јувентус, се работи за еден од најдобрите тимови во целиот сет, сите мои пријатели и соиграчи ми кажаа дека ова е идеален клуб за мене, па на крајот лесно решив“ – вели ЦР7.

„Уживам во фудбалот, се уште сум млад и секогаш сум обожавал предизвици: од Спортинг во Манчестер јунајтед, потоа во Реал и сега во Јувентус. Не жалам што заминав од Мадрид, Јувентус е голем клуб. Вообичаено играчите кои се на моја возраст одат во Кина или Катар, па јас сум среќен што играм во волку голем клуб. Затоа сакам да му се заблагодарам на Јувентус за шансата која ми ја укажа“.

Запрашан за тоа дека Серија А е многу поразлично првенство каде сите тимови се добро тактички потковани, Кристијано Роналдо рече: „Сакам предизвици, знам дека првенството е тешко и тактиката игра голема улога. Нема да ми биде лесно, но секогаш сум ги сакал тешките предизвици. Сакам да имам нови успеси. Верувам во моите способности и очекувам да бидам успешен“.

За тоа кога ќе го има првиот меч, ЦР7 вели: „Имав прилика да се сретнам со мојот нов тренер. Ќе започнам со тренинг на 30. јули. Би сакал мојот прв меч да биде воведното коло од Серија А на 12. август“.

Секако неизбежно беше и прашањето за Лео Меси, кој до вчера му беше лут ривал во Шпанија и конкурент за сите индивидуални награди.

„Не ги гледам играчите како ривали, сите зборуваат за моето ривалство со Меси, но секој се бори за својот клуб и токму тоа ќе го правам тука. На крајот од денот ќе видиме кој што направил и кој е најдобар“.