24фудбал

Сари со понуда до Азар: Дојди да тренираш 2-3 дена со мене, па потоа реши дали сакаш во Реал!

Новиот меначџер на Челси, Маурицио Сари ја имаше првата прес конференција на која беа неизбежни прашањата за иднината на Еден Азар, а Италијанецот достави интересен предлог до фудбалерот

Англија

Маруцио Сари има полни раце работа уште од првиот ден, стратегот може да остане без две големи ѕвезди. Се шпекулира дека Реал Мадрид го договорил трансферот на Тибо Куртоа, а „Кралевите“ го сакаат и Еден Азар.

„Азар е помеѓу двајцата или тројцата најдобри играчи во Европа“ - порача Италијанецот денеска на својата прва прес конференција. „Мислам дека можам да го направам уште подобар но нема да биде лесно бидејќи веќе игра на многу високо ниво“.

Белгијанецот во моментов е на одмор по настапот на Светското првенство, па Сари беше запрашан дали ќе му се јави за да го убеди да остане на Стемфорд Бриџ.

„Не, нема да му се јавам. Да разговараме на телефон без да го погледнам во очи нема да ми даде никаква гаранција“.

„Сакам да се сретнам со него лице во лице. Би му кажал да дојде и да тренира 2-3 дена со мене, да види како работам, какви се моите идеи и потоа може да реши што сака“.