24фудбал

Васоски: Резултатот е незгоден, но имаме квалитет да го поминеме Пјуник

Александар Васоски кој е привремен тренер на Вардар, верува дека фудбалерите можат да ја анулираат негативата од првиот меч со Пјуник и да се пласираат во следното квалификациско коло од Лига Европа.

Македонија

Вардар првиот меч го загуби со 1-0, во меѓувреме Бобан Бабунски доби отказ, па Александар Васоски утре ќе дебитира како прв тренер на тимот.

„Имаме незгоден резултат по првиот натпревар. Свесни сме дека 0:1 е непријатен резултат, но Вардар има сили и квалитет да ја анулира негативата, да даде гол или два и да мине во следната фаза. Не треба да се залетуваме од прва секунда да дадеме гол, затоа што секој примен гол за нас би бил лош. Сигурен сум дека ќе дадеме најмалкуј еден гол, но треба да внимаваме да не примиме. Верувам во овие играчи, верувам во нивните квалитети дека можеме да ја минеме оваа пречка. После ланскиот успех, сега на некој начин постои одреден притисок“, изјави Васоски на денешната прес конференција.

„Мислам дека 90% ќе играат со истиот состав, можни се 2-3 замени. Ќе дојдат да се бранат и ќе чекаат шанса преку противнапад. Се зависи од нас, мораме да имаме контрола на мечот, и секој фудбалер ќе ја знае својата задача. Ќе го смениме пристапот на играта за разлика од првиот натпревар, и очекувам да одиграм подобро и поквалитетно“.

„Ова е мојата прва станица како прв тренер. Бев играч на Вардар пет години, сега петта година сум тренер, и знам што значи да се биде тренер на Вардар, и што се бара од екипата. Работев со одлични тренери, од нив имав што да научам, и се надевам дека тоа искуство ќе ми послужи на овој натпревар. Долго сум во клубот и подготвен сум да го превземам тој предизвик. Се надевам дека ќе се заврши како што посакуваме за нас“.

Фото: ФК Вардар