24фудбал

Добринко Илиевски е нов селектор на Македонија У21, Горан Станковски ќе ги води надежите до 19 години

Боби Милевски го доби наследникот, Добринко Илиевски е новиот тренер на надежите до 21 година, а Горан Станковски ќе биде селектор на селекцијата до 19 години.

Македонија

Управниот одбор на ФФМ одлучи кои ќе бидат новите селектори на селекциите до 19 и до 21 година.

Добринко Илиевски ќе го превземе кормилото на селекцијата до 21 година, додека Горан Станковски ќе биде селектор на надежите до 19 години.

Добринко Илиевски повеќе од една деценија како фудбалер настапуваше во клубови од Првата македонска фудбалска лига (Балкан, Цементарница, Тиквеш, Осогово), а беше дел од стручниот тим на ФК Македонија Ѓ.П. и ФК Вардар, клубови со кој освои три шампионски титули во 1 МФЛ. Илиевски четири години е дел од младинските национални тимови, започнувајќи од репрезентацијата до 15 години, па до Македонија до 19 години.

Горан Станковски е назначен за селектор на Македонија до 19 години. Станковски е поранешен фудбалер од шампионската генерација на Слога Југомагнат, а има големо интернационално искуство како фудбалер во Русија (Сибир), Турција (Дијарбекирспор), Белгија (Антверпен) и Германија (Тенис Борусија).

Тренерската кариера на Горан Станковски е поврзана за ФК Работнички каде бележеше одлични резултати со младите категории, беше избран и за најдобар млад тренер ланската сезона, пред да добие доверба да го предводи и сениорскиот тим на Работнички.