24фудбал

„Повеќе не ти веруваме!“ - откриени детали од тензичната расправија на Меси со Сампаоли по дебаклот против Хрватска

Медиумите од Аргентина откриваат детали од средбата помеѓу селекторот Хорхе Сампаоли и репрезентативеците по тешкиот пораз на „Гаучосите“ од 3-0 против Хрватска

СП 2018

Аргентина лошо го започна настапот на мундијалот во Русија, одигра само 1-1 со дебитантот Исланд, но правиот шок следуваше во второто коло кога „Гаучосите“ доживеја дебакл и загубија со 3-0 од Хрватска.

По овој пораз им се закануваше елиминација уште во групната фаза, па играчите предводени од Лео Меси и Хавиер Маскерано имаа бунт и се обидоа да издејствуваат заминување на Хорхе Сампаоли. Медиумите од Аргентина сега пренесуваат детали од тензичниот состанок. 

„Не разбираме што сакаш да ни пренесеш, повеќе не ти веруваме, сакаме и ние да дадеме мислење“ - била пораката која тимот му ја испратил на селекторот, кој прашал: „Мислење околу што?“ а одговорот бил категоричин: „Околу се“.

Потоа на сцена стапил Лео Меси кој му рекол на Хорхе Сампаоли: „Десет пати ме имаш прашано кој играч да го пуштиш во игра, или кој играч го сакам во составот, и јас никогаш ти немам кажано конкретно име. Одговориме ми отворено пред сите, дали некогаш ти имам кажано некое конкретно име“.

На состанокот бил присутен и првиот човек на федерацијата, Клаудио Тапија, кој му порачал на Хорхе Самаполи: „Мораш да им го овозможиш тоа што го бараат“.

По состанокот, помошникот на Хорхе Сампаоли, Себастијан Бекасесе сакал да си поднесе оставка и да го напушти кампот на Аргентина, но Клаудио Тапија го убедил да остане до крајот на Светското првенство.