24фудбал

Вардар полни 71 година, а иднината на клубот е „разнишана“

Вардар денеска слави роденден, 71. година од своето постоење, но ова е и неизвесен период за клубот кој се соочува со низа проблеми поради начинот на кој е раководен.

Македонија

Поминаа 71 година од денот кога се случи фузија на двете спортски друштва Македонија и Победа и настана колективот Вардар.

Вардар е убедливо најуспешниот македонски фудбалски клуб, но има два успеха кои се издвојуваат. Едниот е трофејот во тогашната прва југословенска лига кога „црвено-црните“ во сезоната 1986/87 ја освоија титулата. А вториот се случи минатата сезона кога Вардар се пласираше во главната фаза од Лига Европа, прв пат во историјата имаше европска есен.

Но наместо да го одржува високото ниво и да се развува во сериозен клуб на овие простори, Вардар дозволи голем број од играчите да си заминат без речиси никакво обесштетување и денеска да има тим кој доживеа срамна елиминација уште во првото квалификациско коло од Лига Европа.

Не само што овој тим на Вардар нема да биде конкурентен за освојување на трофеите, туку можеби Шкендија нема да биде единствената која ќе биде пред него.

Се зборува дека клубот има големи долгови и кон фудбалерите кои веќе се заминати. Не се исклучува можноста сопственикот Серген Самсоненко наскоро да крене раце од ФК Вардар и „црено-црните“ да добијат нов газда.

Животот на Вардар е составен од разни периоди, многу успешни, но и денови со големи кризи. Што и да се случи во блиска иднина со клубот едно е сигурно, Вардар е најголемиот македонски фудбалски бренд и таков ќе остане секогаш.