24фудбал

Барселона со Видал му се одмаздува на Интер за Рафиња?!

„Каталонците“ доцна синоќа потврдија дека го договориле трансферот на Артуро Видал, а според Мундо Депортиво, Барса со овој потег му се одмаздува на Интер за Рафиња

Шпанија

Интер подолго време беше во преговори за ангажман на Артуро Видал, „Нероаѕурите“ се имаа договорено со Чилеанецот и ги „пеглаа“ деталите со Баерн Минхен под кој ќе се реализира трансферот.

И кога преговорите беа пред финиш, Барселона достави понуда и го украде фудбалерот. „Каталонците“ доцна синоќа потврдија дека го договориле трансферот на Артуро Видал, кој ќе стави потпис на тригодишен договор откако ќе ги помине редовните лекарски прегледи. 

Според пишувањата на Мундо Депортиво, со овој потег не само што на Ернесто Валверде му се носи директна замена за Паулињо, Барса му се одмаздува и на Интер за Рафиња.

„Каталонците“ во јануари го позајмија Бразилецот на Џузепе Меаца, и помеѓу двата клуба имало џентлменски договор дека „Нероаѕурите“ во целост ќе го купат играчт за 35 милиони евра, плус додатни 3 милиони во бонуси, доколку биде обезбеден настап во Лигата на шампионите.

Но Интер подоцна го прегазил дадениот збор со оправдување дека нема доволно пари за да го комплетира трансферот. На лидерите на Барса не им се допаднало ова, особено поради тоа што клубот од Милано го купи Раџа Наинголан, а тргна и по Артуро Видал.