24фудбал

Моќта на Премиерлигата, новајлијата Фулам потроши преку 100 милиони фунти и донесе 12 засилувања

Можеби гигантите од „Островото“ не се расфрлаа со пари ова лето но за тоа колку е моќна Премиерлигата покажаа помалите клубови, новајлијата Фулам потроши преку 100 милиони фунти ова лето

Англија

Премиерлигашите ова лето беа некако воздржани, само три клуба ја надминаа границата од 100 милиони фунти, но ако некој мисли дека клубовите се во финансиски проблеми, сигурно се лаже. Еден од овие три клуба е новајлијата Фулам, кој ова лето донесе дури 12 нови имиња.

Тимот од Кревин Котиџ денеска имаше луд ден во кој го собори својот трансфер рекорд откако го донесоа Андре Франк Замбо Ангиса од Марсеј за речиси 30 милиони фунти.

Во последните часови од преодниот рок, Фулам плати и 6 милиони фунти за Џо Брајан од Бристол Сити а на позајмица беа донесени и напаѓачот Лусиано Вието од Атлетико Мадрид, голманот Серхио Рико од Севиља и сестраниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Фосу Менсах.

Претходно беше пазарен Жан Мишел Сери од Ница за околу 27 милиони фунти, Александар Митровиќ од Њукасл за околу 18 милиони фунти, Алфи Моусон од Свонси за околу 15 милиони фунти, Фабри од Бешикташ за 5.5 милиони фунти и Максим Ле Маршан од Ница за 3.5 милиони фунти. На позајмица беше донесен светскиот шампион Андре Ширле од Борусија Дортмунд како и Калум Чемберс од Арсенал.

Сите овие засилувања го чинеа Фулам преку 100 милиони фунти, и за прв пат во историјата новајлија во Премиерлигата троши толку многу пари.