24фудбал

Перез не сака да му се работи зад грб, Реал го пријавил Интер до ФИФА

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Реал Мадрид го пријавил Интер до Светската куќа на фудбалот поради тоа што „Нероаѕурите“ без дозвола разговарале со Лука Модриќ

Шпанија

„Кралевите“ не само што нема да му дозволат на Лука Модриќ да се пресели на „Џузепе Меаца“ туку и ќе се обидат да издејствуваат казна за Интер.

Хрватот се надеваше дека ова лето ќе започне нова авантура, се договори со „Нероаѕурите“ за четиригодишен договор и плата од 10 милиони евра, како и плус две години во Џиангсу Сунинг исто така за плата од 10 милиони евра по сезона.

Лука Модриќ наводно имал џентлменски договор со Флорентино Перез дека ќе му биде дозовлено да замине од Реал ова лето, но претседателот на „Кралевите“ одби да го исполни дадениот збор. Играчот вчера имал нов обид да издејствува трансфер, но Флорентино Перез категорично му пренел дека нема да биде продаден.

Според пишувањата на Кадена СЕР, првиот човек на Реал исто така е бесен на начинот на кој Интер се однесувал и тоа што му работел зад грб, па и покрај тоа што односот помеѓу двата клуба е одличен, Флорентино Перез решил да ги пријави „Нероаѕурите“ до ФИФА.

Според правилата на Светската куќа на фудбалот, клуб не може да преговара со играч кој има валиден договор освен доколку не добие дозвола од клубот кој го поседува играчот.