24фудбал

„Мурињо треба да го гледа документарецот за Манчестер Сити, мора да научи една работа“

Легендата на Арсенал, Мартин Кион вели дека менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо треба да го гледа документарецот на Амазон за Манчестер Сити и да научи нешто од Пеп Гвардиола

Англија

„Специјалниот“ по доаѓањето на Олд Трафорд влезе во конфликт со неколку играчи, а најголема е расправијата со првата ѕвезда Пол Погба, кој сака одново да го напушти Манчестер јунајтед.

Според Мартин Кион, Жозе Мурињо треба да научи да ги сака своите играчи за да може да ги предизвика „Граѓаните“ и за ова може поуки да извлече од документарецот кој Амазон ќе почне да го емитува за рекордна сезона на Манчестер Сити.

„Мислам дека Жозе Мурињо треба да го гледа документарецот“ – вели легендата на Арсенал. „Фасциниран сум од тоа што ѕвездите на Манчесер Сити кои настапија на Светското првенство ги скратија одморите и порано се вратија на подготовките“.

„Пеп Гвардиола креираше атмосфера и околина во која сите негови играчи се желни да соработуваат со него. Слично е и со Јирген Клоп, се чини дека тие се на заедничко патување со играчите“.

„Во Челси, Мурињо имаше неверојатна врска со играчите. Кога го напушти Интер, го прегрна Марко Матереци и двајцата заплакаа. Но ова се промени во Манчестер јунајтед“.

„Сите сакаме да видиме како Мурињо го предизвикува Гвардиола, и Премиерлига во која до последното коло ќе има битка. Кажав уште пред да почне сезоната дека за Манчестер јунајтед одново да биде успешен, Мурињо треба да научи да ги сака своите играчи“.