24фудбал

Мурињо им порача на медиумите: Ова е вистината за Пол Погба

Жозе Мурињо ги прокоментира гласините за расправија со Пол Погба, менаџерот на Манчестер јунајтед вeли дека никогаш не бил посреќен од залагањето и играта на Французинот.

Англија

Изминативе недели медиумите често пишуваат за иднината на Пол Погба на Олд Трафорд, се шпекулира дека тој сака да замине поради тензичниот однос со Жозе Мурињо. По победата над Лестер во воведното коло, самиот играч додаде масло во огнот откако истакна дека не може да зборува отворено за неговата ситуација бидејќи ќе добие парична казна.

Потоа следуваше сторија за голема расправија помеѓу Пол Погба и Жозе Мурињо во која наводно играчот му порачал на „Специјалниот“ дека во иднина комуникацијата ќе се одвива преку неговиот агент Мино Рајола, а пак Португалецот го известил дека ако сака трансфер ќе мора јавно да побара.

Менаџерот на Манчестер јунајтед, денеска се појави на прес конференција и неизбежни беа прашањата за иднината на Пол Погба. 

„Вистината е дека никогаш не сум бил посреќен од соработката со Пол Погба. Не можам да барам ништо повеќе од него, дојде во понеделник (минатата недела), тренираше три дена, побарав да помогне и да даде допринос во важен меч за нас кога тимот имаше проблеми. Се покажа во многу подобро светло отколку што очекував и на теренот помина многу повеќе отколку што очекував. Кога вели дека го сторил тоа за фановите и за соиграчите, токму тоа го барав, тоа го барам од сите играчи. Не можам да бидам посреќен“ - вели Жозе Мурињо.

Запрашан поконкретно за коментарите на Погба дека ќе биде казнет, Португалецот додава: „Повторувам: Сакам тој да игра добро, сакам да го прави тоа за тимот, за фановите и ништо повеќе. Пишувајте што сакате, но ве молам не кажувајте лаги. Погба никогаш немал расправија со мене, никогаш не сме имале жестока размена на зборови, коминицираме со взаемна почит. Ќе треба да го прашате Пол за коментарите. Тука сум две години и неколку месеци и само еден играч е казнет во овој период, само Антони Марсијал“.