24фудбал

Академија Пандев се врати на врвот, тешка победа на Шкендија

Академија Пандев со 4-2 славеше на гостувањето кај Победа и се врати на врвот во македонското првенство, Шкендија дури во судиското надополнување дојде до трите бода кај Силекс.

Македонија

Во шестото коло Академија Пандев ја забележа петтата победа оваа сезона, денеска славеше на гостувањето кај Победа со 4-2.

Миловановиќ постигна два гола, а деби погодок имаше и Ванче Шиков, еднаш прецизен беше и Дориев кој реализираше од пенал. Победа успеа да надополни негатива од 0-2, го изедначи резултатот со голови на Ефремов и Мустафов, но потоа прими два нови погодоци за нов пораз.

Шкендија дојде до три тешки бода од гостувањето кај Силекс. Бесарт Ибраими во четвртата минута од продолжението постигна гол за триумф од 2-1. Претходно Тетовци со погодок на Бојку уште во 14. минута водеа со 1-0, а Силекс изедначи преку Грозданоски на десет минути до крајот.

Беласица со голови на Серафимовски и Ивановски славеше со 2-0 на гостувањето кај Ренова. Во скопскиот меч Шкупи со 2-1 беше подобар од Македонија Ѓорче Петров.

По шест одиграни меча, Академија Пандев е прва со 15 бода, еден повеќе од Шкендија и Вардар кои имаат по 14.