24фудбал

Јаховиќ имал две понуди летово, Македонецот ги откри имињата на клубовите

31 годишниот македонски напаѓач бил интересен за екипата која лани беше во водечката тројка од турската Суперлига, титулата беше на дофат на таа екипа која не издржа до крајот, а сезонава не успеа да избори место во групите од Лига Европа откако беше елиминирана од Барнли.

Македонија

Турскиот шампионат му одговара на нашиот Адис Јаховиќ кој веќе неколку сезони доста успешно одговара на тамошниот предизвик, напаѓачот на Коњаспор по крајот на минатата сезона имал две понуди, од кои едната била токму од Истанбул Башакшехир, екипа која е доста амбициозна, а тоа го потврди и на стартот во новата сезона.

Ал Кадсиа од Саудиска Арабија, како и Истанбул Башакшехир ме посакуваа кога минатата сезона заврши, но, мојот клуб ги одби тие понуди. Среќен сум во Коњаспор, моето семејство исто, не сакам да си заминам од тука, ќе останам за да направам големи работи за клубот открива Јаховиќ во интервјуто за „Hakimiyet.

Тренерот на Ал Кадсиа, Александар Стојановиќ силно ме посакуваше во неговиот тим, тој се распрашуваше за мене во Коњаспор, но, клубот беше дециден во своите планови дека не сака да си заминам додаде Македонецот кој доколку продолжеше во Истанбул Башакшехир, ќе му беше партнер на Адебајор во нападот на таа екипа.

Токму Истанбул Башакшехир по шест одиграни кола во турската Суперлига е лидер на табелата со 13 освоени бодови, два повеќе во однос на Коњаспор кој има солиден старт, а нашиот напаѓач на пет настапи постигна и еден гол засега.

Договорот на Јаховиќ со Коњаспор истекува во јуни 2020. година, дали ќе стави потпис на нов договор со турскиот суперлигаш, останува да видиме во периодот кој претстои.