24фудбал

Лампард го победи Мурињо на Олд Трафорд, Манчестер јунајтед испадна од Карабао Купот! (ВИДЕО)

Манчестер јунајтед загуби на пенали од Дерби и доживеа елиминација од Лига купот, Лампард вечерва ја слави најголемата победа како тренер.

Англија

Манчестер јунајтед против Дерби беше дуел помеѓу Жозе Мурињо и Френк Лампард, двајцата личности кои заедно на Челси му донесоа големи успеси. 

Лампард во својата прва сезона го победи својот учител и тоа со тим кој настапува во Чемпионшип дивизијата.

Мурињо одлучи да го изостави Погба од тимот за овој меч и се чини дека погреши, играчот со кој е во војна ја доби оваа битка.

Манчестер јунајтед одлично го почна мечот, со гол на Мата уште во третата минута поведе со 1-0. Но првиот шок стигна во 59. минута кога Вилсон со фантастичен погодок изедначи на 1-1.

Само осум минути подоцна нов шок на Олд Трафорд, голманот Ромеро играше со рака надвор од шеснаесетникот и заслужено доби црвен картон, Манчестер јунајтед остана со фудбалер помалку.

Во 85. минута нововлезениот Мериот постигнува гол за комплетен пресврт и водство на Дерби од 2-1.

Сепак до последниот свиреж на судијата Манчестер јунајтед го одложи славјето на гостите, Фелаини во 94. минута постигна гол со глава за 2-2. Натпреварот се решаваше на пенали.

Двете екипи дури седум серии не промашија од белата точка, тоа конечно се случи во осмиот обид, а трагичар беше Фил Џонс.

На крајот Дерби се радуваше на сензација, Лампард на својата најголема победа во досегашната тренерска кариера, а притисокот врз Жозе Мурињо се зголеми уште повеќе, веќе не се исклучува можноста за отказ.

За разлика од Манчестер јунајтед, Сити убедливо со 3-0 победи на гостувањето кај Оксфорд. Кристал Палас со 3-0 славеше кај ВБА, Лестер на пенали го совлада Волвс, немаше голови во регуларниот тек. Фулам со 3-1 го победи Милвол во лондонскиот дуел.