24фудбал

Наместо отказ за Ковач, лидерите на Баерн силно „распалија“ по медиумите: Денес ќе ги браниме играчите, тренерот и клубот!

Ништо од најавите дека Нико Ковач ќе добие отказ, наместо ова лидерите на Баерн Минхен застанаа зад тренерот и играчите и „распалија“ по медиумите и стручните коментатори.

Германија

На Алинац Арена има мала криза по низата слаби резултати (Баерн четири меча нема победа, и забележа два порази во Бундеслигата), а оваа црна серија предизвика да се појават огромен број на стории за тоа дека нешто не штима во соблекувалната. Исто така, медиумите и стручните коментатори ја искористија кризата за да упатат критики и забелешки на адреса на фудбалерите и Нико Ковач.

„Баварците“ за 12 часот закажаа вонреден прес на кои ќе се појават Ули Хенес, Карл Хајнц Румениге и Хасан Салихамиџиќ, и многумина сметаа дека ќе биде соопштена тренерска роканда.

Но наместо отказ за Нико Ковач, лидерите на Баерн силно распалија по луѓето кои упатуваа критики кон тимот.

„Причината за овој прес е едноставна. Се сретнавме во понеделникот и одлучивме дека повеќе не можеме да молчиме, не го прифаќаме ваквото однесување и начинот на кои медиумите и стручните коментатори известуваат“ – вели генералниот извршен директор Румениге.

„Не ми се верува што читав за Мануел Нојер, или пак за Хумелс и Боатенг или сториите за Рибери и Робен“.

„Пред три недели се беше ОК, по победата над Шалке се зборуваше дека титулата веќе е освоена, а сега по серијата од четири меча без победа, одеднаш многу работи не чинат“.

„Ова е важен ден. Им ставам јасно до знаење на сите дека нема да го трпиме ова повеќе. Нема да дозволиме злонамерно известување. Денес ќе ги заштитиме играчите, тренерот и клубот. Вината за лошите резултати не ја бараме во медиумите, ниту пак очекуваме да бидеме фалени кога не ни одо добро. Но има разлика помеѓу фер и критичко известување. Ние сакаме реално известување“.

Претседателот Ули Хенес додаде: „Најголемиот клуб во Германија мора да завземе став. Начинот на кој се однесуваат медиумите е смешен. Ние самите ги критикуваме играчите кога не се на потребното ниво, но не прифаќам кога некој покажува непочитување кон нас со своето известување“.

Спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ пак рече: „Не сум поставен за да креирам насловни страни. Сакам нешто да разјаснам. Ме обвинивте дека не сум застанал зад Нико Коваќ. Зошто да застанам, никој не се сомнева во Нико. Започнавме добро, потоа следуваше пад на перформансите, на сите ни е јасно тоа, но нема потреба да се стави под знак прашалник работата на целиот клуб. Покажувате големо непочитување со вашето известување, нашиот тим не заслужил нешто такво“.