24фудбал

Аларм во ПСЖ! „Светците“ би можеле да бидат исфрлени од Лигата на шампионите

Според пишувањата на Лекип, ПСЖ би можел да биде исфрлен од Лигата на шампионите поради прекршување на правилата за Финансиски фер плеј, „Светците“ веќе доставиле жалба до Судот за спортска арбитража.

Лига на Шампиони

Шампионот на Франција се најде под лупа на УЕФА откако неколку гиганти од Европа, пред се оние од Шпанија се пожалија и прашаа како ПСЖ може да си дозволи во исто лето да ги купи Нејмар и Мбапе за 222 милиони евра, односно 180 милиони евра.

Европската куќа на фудбалот во прв момент соопшти дека нивната истрага не покажала ништо сомнително. Но само неколку дена откако главниот истражувач при телото кое врши финансиска контрола на клубовите го затвори случајот, телото за арбитража при УЕФА нареди одново да се разгледа случајот.

Како што пренесува Лекип, на ПСЖ сега му се заканува исфрлање од Лигата на шампионите, бидејќи е побарано да се разгледаат спонзорските договори на „Светците“ со Катар во сезоните 2013/14 и 2014/15.

Договорите на ПСЖ со компаниите од Катар се далеку над пазарната вредност, па од 2015 па наваму, УЕФА во неколку наврати ја намали вредноста која ја признава (договорот со КТА, главниот спозор во сметководствените книги е вреден 100 милиони евра, додека УЕФА смета дека правата вредност му е 58 милиони евра).

Доколку тоа биде сторено и за договорите од сезоните 2013/14 и 2014/15, тогаш ПСЖ ќе биде во многу поголем минус од тоа што правилата за Финансиски фер плеј го дозволуваат.

„Светците“ сепак доставиле желба до Судот за спортска арбитража (ТАС) и бараат овој процес да биде стопиран.

Доколку УЕФА направи корекција и на тие договори, на ПСЖ му се заканува сериозна казна па дури и исфрлање од Лигата на шампионите, а тоа веројатно ќе придонесе и под знак прашалник да биде ставена и иднината на двете најголеми ѕвезди, Нејмар и Килијан Мбапе

Исто така, Европската куќа на фудбалот оваа недела ги предупреди сите клубови, пред се ПСЖ и Манчестер Сити, дека во секој момент може да отвори нова истрага откако со помош на документите од „Фудбал ликс“ на виделина излегоа матните зделки кои се правеле со цел да бидат заобиколени правилата за ФФП.