24фудбал

Бока бара службена победа, КОНМЕБОЛ вели: Реваншот ќе се игра, но надвор од Аргентина!

Финалето од Копа Либертадорес ќе го има својот крај на 8. или 9. декември, КОНМЕБОЛ попладнево соопшти дека се прават планови за реваншот помеѓу Ривер и Бока да се игра надвор од Аргентина.

Јужна Америка

Челниците на Ривер, Бока и КОНМЕБОЛ денеска имаа средба за да се договорат кога и каде ќе се одигра реваншот од финалето во Копа Либертадорес кој беше одложен откако навивачите на Ривер со камења и солзавец го нападнаа автобусот на Бока.

Бока на состанокот уште еднаш го повтори својот став дека сака службена победа и нема намера да игра, но КОНМЕБОЛ има други планови и соопшти дека се подготвува за меч кој ќе треба да се одигра на 8. или 9. декември. Во најбрз можен рок ќе се дефинира точниот датум и саатницата, и во моментов се знае само дека дуелот ќе се игра надвор од Аргентина. Се уште не е јасно каде и дали со публика или зад затворени врати.

Првиот човек на КОНМЕБОЛ исто така посочи дека ќе треба да се почека и одлуката на дисциплинската комисија. Тешко за верување е дека таа ќе прогласи службена победа за Бока со оглед на тоа дека се прават планови за реваншот но се може да се случи.

Како и да е, се очекува жестока казна за Ривер и нивниот стадион „Монументал“.