24фудбал

Дали се одбројани деновите на Погба, Мурињо пред целиот тим го нарекол Французинот вирус!

Медиумите од „Островото“ пишуваат за голема расправија во соблекувалната на Манчестер јунајтед по синоќешното реми со Саутемптон, Жозе Мурињо го нападнал Пол Погба и го нарекол вирус.

Англија

На почетокот од сезоната, Мурињо и Погба имаа одредени недоразбирања па Французинот остана без капитенската лента. Тогаш се шпекулираше дека играчот ќе замине од Олд Трафорд, но подоцна двајцата ги надминаа разликите.

Сепак, војната очигледно не била завршена, па тренерот на Манчестер јунајтед синоќа жестоко ја нападнал својата прва ѕвезда по разочарувачкото реми од 2-2 на гостувањето кај Саутемптон.

Како што пренесуваат медиумите од „Островото“, Жозе Мурињо распалил по Пол Погба во соблекувалната на „Сент Мерис“ пред целиот тим. Извор близок до „ѓаволите“ открива дека Португалецот го нарекол Погба вирус и му рекол дека покажува непочитување кон соиграчите и фановите со партиите кои ги пружа.

„Ти си како човек со грип, со вирус, во затворен простор, го пренесуваш вирусот на другите. Не играш, не ги почитуваш останатите играчи и навивачите, и го убиваш менталитетот на добрите и искрените луѓе околу тебе“ – се наводните зборови кои Мурињо му ги упатил на Французинот.

Многумина сметаат дека по новата расправија, деновите на Пол Погба се одбројани и тој ќе го напушти Манчестер јунајтед. Јувентус со месеци се посочува како клубот кој пројавува најсериозен интерес за Французинот.