24фудбал

И на Манчестер Сити му се заканува исфрлање од ЛШ, нови празни зборови или УЕФА конечно ќе покаже строгост?

Медиумите од Англија пренесуваат дека Манчестер Сити би можел да добие забрана за настап во Лигата на шампионите и тоа веќе од следната сезона, УЕФА одново ги „чешла“ финансиите на „Граѓаните“.

Лига на Шампиони

По воспоставувањта на правилата за Финансиски фер плеј, УЕФА има моќ да стави забрана за настап во Лигата на шампионите или Лига Европа. Европската куќа на фудбалот до сега „удираше“ само по малите клубови, додека пак европските гиганти секогаш наоѓаа „дил“ и поминуваа полесно, односно со парични казни и намалување на бројот на фудбалери.

Но во последно време под лупа е работењето на ПСЖ и Манчестер Сити, клубови кои се во сопственост на Катар и Абу Даби. Нивната документација се „чешла“ одново откако „Фудбал ликс“ обелодени како се правени дубари за да се заобиколат правилата и финансиите да бидат во склоп со она што го налага ФФП.

Медиумите од Франција веќе најавија дека на ПСЖ му се заканува исфрлање од Лигата на шампионите, а со слична сторија сега излегоа и медиумите од Англија, кои велат дека Манчестер Сити би можел да остане без настап во најелитното европско натпреварување и тоа веќе од следната сезона.

„Ја разгледуваме ситуацијата. Имаме независно тело кое работи на случајот. Наскоро ќе добиете одговор за тоа што ќе се случи со овој конкретен случај“ – изјави во неделата првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин во Даблин.

Весникот „Шпигел“ минатиот месец објави серија написи за матните зделки кои ги правел Манчестер Сити и за тоа како спонзорите најпрво чекале да им бидат префрлни пари од страна на Абу Даби Јунајтед Груп (компанија во сопственост на Шеикот Мансур, и која исто така го поседува Манчестер Сити), за потоа тие само да ги проследат финансиите до „Граѓаните“.

УЕФА има строги правила за тоа колку пари сопствениците можат да вложат во клубовите, па со оваа практиката Манчестер Сити ги заобиколува овие правила и покажува дека парите се од спонзори, иако де факто доаѓаат од џебовите на Шеикот Мансур.

Исто така договорете се корегирани во зависност од потребите и тоа колкав бил минусот, па дури и се корегирале датите на исплатите. Во преписка помеѓу директорите, се посочува дека отказот на Роберто Манчини ќе остави дупка од десетина милиони, па се бара од сите спонзори да исплатат по неколку милиони плус за годината да се заврши на нула.

„Секако дека можеме, можеме да правиме што сакаме!“ – е одговорот на еден од директорите кога бил замолен да се направи одредена манипулација со спонзорските договори.

Останува да се види дали УЕФА конечно ќе покаже строгост и кон гигантите, или и ова ќе бидат нови празни зборови. Милан неодамна доби забрана и стана првиот голем клуб со ваква сериозна казна, но „росонерите“ успеаја да ја преиначат одлуката и сега треба да се договорат со УЕФА за поблага казна.